Култура
Струмичкиот театар со претставата „Мизантроп“ ќе учествува на Меѓународниот фестивал „Нови отворени сцени +“ во Бугарија
НТ „Aнтон Панов“ Струмица со претставата „Мизантроп“ од Молиер ќе учествува на Меѓународниот театарски фестивал „Нови отворени сцени +“ во Стара Загора, Република Бугарија, информираа од Театарот.
Претставата ќе биде изведена утре со почеток во 20.30 часот во конкуренција на продукции од Романија, Србија, Германија и Бугарија.
– „Мизантроп“ претставува современо сценско читање на безвременското дело на Молиер, кое преку остроумната сатира ги преиспитува односите меѓу искреноста, лицемерието и општествените норми, се наведува во информацијата од Струмичкиот театар.
Во претставата настапуваат актерите Ванчо Василев, Анкица Бенинова, Стојан Велков, Кољо Черкезов, Васка Ангелова, Јулија Милкова, Танкица Стојанова и Игор Тодоров.
Во информацијата се додава дека учеството на овој фестивал претставува значајна можност за меѓународна афирмација на ансамблот и за претставување на македонската театарска уметност пред поширока публика.
јуни 17, 2026


