Хроника
Два несреќни случаи при извршување работни задачи, едно лице повредено, едно починато
Педесет и петгодишен жител на липковско Матејче е повреден при извршување градежни работи во Куманово, додека 52-годишен вработен во ЕВН починал додека извршувал работни задачи во кривопаланечкото село Огут, информираше денеска СВР Куманово. За двата случаи надлежните институции извршиле увид и се преземаат мерки за утврдување на околностите.
Вчера во 10:35 часот во СВР Куманово, од Итна медицинска помош било пријавено дека кај нив со повреди бил донесен Џ.С. (55) од село Матејче, општина Липково.
Според информациите на кумановската полиција, повредите ги здобил на улицата „11 Октомври“ во Куманово додека извршувал градежни работи. Увид извршила увидна екипа на СВР Куманово, а се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Вчера, во 13:00 часот во ОВР Крива Паланка, од Јавната здравствена установа Крива Паланка било пријавено дека на место викано „Пољана“ во село Огут е пронајдено починато лице.
-По преземените мерки било утврдено дека станува збор за С.Ј. (52) од Крива Паланка, вработен во ЕВН, кој починал додека извршувал работни задачи. Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено во Судска медицина за обдукција соопшти СВР Куманово.
Увид извршила увидна екипа на ОВР Крива Паланка.
јуни 17, 2026


