Вести
Николоски-Баша: Изградбата на автопатот Скопје – Блаце е клучна за економската соработка меѓу Македонија и Косово
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, денеска во рамки на министерскиот самит во Солун,оствари билатерална средба со Димал Баша, министерот за инфраструктура и транспорт на Косово, на која се разговараше за унапредување на економската и трговската соработка меѓу двете земји, како и за реализацијата на заеднички регионални инфраструктурни проекти од стратешко значење.
На средбата беше оценето дека Македонија и Косово имаат одлични билатерални односи и значителен потенцијал за натамошно зголемување на соработката, особено во областа на транспортната инфраструктура, која претставува основа за економски развој, зголемена трговска размена и подобра поврзаност на регионот.
Заменик претседателот на Владата Николоски истакна дека Владата е целосно посветена на реализација на капиталните инфраструктурни инвестиции, при што посебен акцент стави на изградбата на автопатската делница Скопје – Блаце.
Тој нагласи дека овој проект претставува најзначајната патна врска меѓу Македонија и Косово кој ќе придонесе за побрз, побезбеден и поефикасен патен транспорт, ќе ја подобри мобилноста на граѓаните и стопанството и дополнително ќе ја зајакне регионалната соработка.
Соговорниците се согласија дека подобрата транспортна инфраструктура ќе овозможи поинтензивна економска активност, полесен проток на луѓе и стоки и ќе создаде нови можности за инвестиции и развој на бизнис-заедницата од двете земји.
На средбата беше потенцирано дека Косово е еден од значајните трговски партнери на Македонија, а реализацијата на заедничките инфраструктурни проекти ќе придонесе за понатамошно зголемување на трговската размена, подобрување на конкурентноста на регионот и создавање услови за одржлив економски раст.
Двете страни ја потврдија својата подготвеност за интензивирање на институционалната соработка и продолжување на заедничките активности со цел побрза реализација на проектите што се од заемен интерес и кои ќе донесат долгорочни придобивки за граѓаните и економиите на двете земји.
јуни 19, 2026

