Политика
Ковачки:36 години ВМРО-ДПМНЕ – единство, резултати и посветеност за напредок на државата
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, на денешната прес-конференција потенцира дека поддршката од десетици илјади граѓани на одбележувањето 36 години од своето формирање во Струмица, претставува потврда за довербата во политиките на партијата, истовремено посочувајќи на реализираните економски мерки и инфраструктурни проекти во изминатиот период како доказ за, како што рече, „конкретни резултати наместо празни ветувања“.
Според него, нивното присуство претставува силна порака за заедништво и поддршка за политиките на партијата.
– Вашата доверба и поддршка се нашата најголема сила и мотив уште поодлучно да продолжиме да работиме за напредокот на Македонија – изјави Ковачки, заблагодарувајќи им се на сите присутни на настанот.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ низ годините се соочувала со бројни предизвици, но, како што рече, секогаш успевала да излезе посилна. Според него, граѓаните биле и остануваат клучен фактор за истрајноста на партијата.
– Идејата на ВМРО, поставена пред 133 години, живее и денес, затоа што 36 години ВМРО-ДПМНЕ е политичка организација создадена од народот и за народот. Затоа ниту еден предизвик, ниту еден напад, нема да може да ја поколеба нашата решеност да работиме во интерес на државата и на граѓаните потенцираше тој.
Осврнувајќи се на работата на владата предводена од партијата, Ковачки посочи дека за две години се реализирани значајни економски и инфраструктурни проекти. Дополнително, најави долгорочен инвестициски циклус од 10 милијарди евра во наредната деценија, кој ќе опфати изградба на нови автопати, експресни патишта и железничка инфраструктура, како и обнова на постојните капацитети.
– ВМРО-ДПМНЕ за две години власт направи многу. Од историски рекордни 1,255 милијарди евра инвестиции, до силен инвестициски циклус во инфраструктурата. Во моментов се реализираат шест нови автопатски решенија кои треба да бидат завршени до крајот на 2027 година, а се предвидени и 10 милијарди евра капитални инвестиции во наредните десет години за нови автопати, експресни патишта, железничка инфраструктура и обнова на постојните капацитети – посочи тој.
Во делот на социјалните и образовните политики, Ковачки посочи дека се работи на изградба и реконструкција на студентски домови, се доделуваат ваучери за електронски уреди и се создаваат услови за младите да започнат сопствен бизнис. Тој истакна дека се зголемени платите и пензиите, како и дека економијата бележи раст над 3 проценти во последните седум квартали.
Ковачки потенцира дека партијата нема да води „политика на попустливост“ кога станува збор за националните интереси, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ја презела власта во период кога на граѓаните им биле потребни стабилност и конкретни решенија.
– ВМРО-ДПМНЕ ја презеде одговорноста во време кога на граѓаните им беа потребни конкретни решенија, стабилност и надеж. Наместо празни ветувања, неизвесност, разочараност денеска имаме развој, иднина, надеж, проекти и конкретни мерки – рече Ковачки.
Дополни дека со пораката „Македонија забрзува, наша обврска“, остануваат целосно посветени на иднината на државата и на подобрувањето на квалитетот на животот на секој граѓанин.
– Продолжуваме да работиме за посилна економија, повисок животен стандард, нови можности за младите и модерна Македонија која достоинствено чекори кон својата европска иднина – посочи тој.
јуни 18, 2026

