Економија
Самит Македонија2026: Помошта од дијаспората не е само со пари
Како дијаспората може да и помогне на Македонија и кои предизвици се појавуваат во обидите да се направи тоа беа прашањата во фокусот на панелот „Дијаспората како стратешки капитал: Враќање дома“ (Diaspora as Strategic Capital: Giving Back Home) на дводневниот Самит Македонија 2026, што завршува попладнево во Скопје.
-На дијаспората не и треба мотивација, љубовта е присутна. Она што недостасува е структура, основа, платформи, долготрајни заложби, не еднократни донации…Второ, придонесот не се само пари, туку тоа може да бидат стандарди, управување, експертизи, менторирање, подучување, обука… Овие работи ги градат државите исто како што го прави тоа капиталот. Третото е за сите оние кои се уште „седат на оградата“ доаѓањето е опција, а за тоа доказ е Џери. Тоа е можно – заклучи модераторката на панелот Вал Јусуфи, од косопственик и основач на Леорон институтот.
Митре Кутановски, коосновач на Македонија2025 и претставник на Фондацијата „Атанас Близнакоф“ рече дека помошта не треба секогаш да е во пари туку и во насоки и за тоа колку се грижите да помогнете на некој начин на земјата. Посочи пример од пред неколку години кога нашинци од Кичево го побарале да им помогне во Македонија да бидат пренесени болнички кревети, а тој успеал да помогне тие да бидат донесени во земјата како хуманитарна помош без да се плати за превоз од САД. Кутановски укажа и на бариерите со кои се соочуваат нашинците кои сакаат да помогнат посочувајќи на недостаток на комуникација и доверба во Македонија. За да знаат дека парите што ги собрале во нивната црква во САД за семејствата на загинатите во Кочани ќе завршат во вистински раце, во Македонија допатувал нивен претставник. Во друг случај за канти за смет што биле набавени од Германија за Струга им било побарано да платат царина, но исто така им било порано една да биде подарок, а тие не биле ставени во функција еден месец. Медицинска опрема стоела шест месеци надвор од употреба бидејќи не била одобрена од министерството. Тој апелираше до властите да ги олеснат процедурите.
За да запре „одливот на мозоци“ тој ги повика нашинците да отворат свои бизниси во Македонија и да вработат луѓе од овде.
Тања Михајловска Димитриевска, аудит директор во Barclays UK рече дека постојат и други начини да се помогне како со воведување стандарди, обуки, тренинзи… особено од професионалци кои работат во странски компании кои можат да пренесат знаење и искуства. Смета дека во земјава е потребно да има предвидливост и одлуките да не се остават да ги носат индивидуалци, да се прифаќаат предизвици.
Емил Христов, американски претприемач, сопственик на Домасело и дел од Бордот на директори на Македонија2025 посочи дека откако тој отворил свој бизнис во Македонија, повлекол и други негови пријатели да го направат тоа, а сега веќе во земјата има повеќе американски компании. За тоа дали во Македонија има лоши работници, вели дека се е до умешноста на менаџирањето и како се однесуваш со вработените.
На панелот зборуваше и Џери Наумоф, директор во Рамбл, кој се врати во Македонија од САД и сега живее тука. Според него, една од бариерите овде е бирократијата. Во Македонија се вратил на покана на поранешен премиер да работи во Владата, а потоа останал и основал оутсорсинг команија која има илјада вработени.
мај 13, 2026
