Connect with us

Интервјуа

Димитриеска-Кочоска: Со ребалансот нема да бидат засегнати ставките што придонесуваат за економски раст и мерките за поддршка на граѓаните

Нашиот фокус останува заштитата на животниот стандард на граѓаните и ребалансот нема да оди надвор од овие рамки – вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за МИА во контекст на почнатите разговори за ребалансот на буџетот.

Според Димитриеска-Кочоска, граѓаните треба да бидат спокојни дека буџетот е ликвиден, се сервисираат сите обврски, редовно се исплаќаат платите и пензиите и обврските кон економијата.

– Во овој контекст, нема да бидат засегнати ставките што придонесуваат за економски раст и кои се реализираат во согласност со планираната динамика, особено капиталните инвестиции, како и мерките за поддршка на граѓаните насочени кон унапредување на животниот стандард – истакнува Димитриеска-Кочоска.

Според неа, со ребалансот на буџетот ќе се остане во основата на среднорочната фискална рамка утврдена со фискалната стратегија за периодот 2027 – 2031 година.

Во согласност со објавените податоци, во првиот квартал годинава јавниот долг во апсолутен износ изнесува 10,747 милијарди евра или 59,7 проценти од БДП и, посочува министерката, бележи намалување за 1,5 п.п. во споредба со состојбата на 30 јуни 2024 година или кога ја презедовме власта.

– Имаме многу внимателен пристап во управувањето со јавниот долг и севкупно со јавните финансии и силно сме посветени на создавање услови за остварување повисоки и одржливи стапки за развој – вели министерката за финансии. 

Во продолжение следува целосното интервју за МИА со министерката за финансии Димитриеска-Кочоска: 

Министерке, ги почнавте состаноците за прекројување на државната каса за 2026 година. Кои ставки ќе претрпат измени, односно каде може да се очекуваат кратења?

– Да, од почетокот на оваа недела почнавме со состаноци со буџетските корисници во однос на подготовката на ребалансот на буџетот за 2026 година со цел да ги утврдиме приоритетите на кои ќе дадеме фокус до крајот на годината имајќи ја предвид притоа и неизвесноста предизвикана од геополитичките случувања и војната на Блискиот Исток. Да не заборавиме дека нашата економија не е имуна на случувањата надвор и затоа имаме особено внимателен пристап во креирањето на политиките, кои ќе обезбедат стабилност, отпорност и одржлив развој на македонската економија.

Пристапот при разговорите со министрите е заснован на реално завршените проекти и на реалните очекувања за нивна понатамошна реализација до крајот на годината, со цел средствата да се насочат кон приоритети кои се изводливи, мерливи и имаат конкретен ефект.

Нашиот фокус останува заштитата на животниот стандард на граѓаните и овој ребаланс нема да оди надвор од овие рамки. Граѓаните треба да бидат спокојни дека буџетот е ликвиден, се сервисираат сите обврски, редовно се исплаќаат платите и пензиите и обврските кон економијата. Во овој контекст, нема да бидат засегнати ставките што придонесуваат за економски раст и кои се реализираат во согласност со планираната динамика, особено капиталните инвестиции, како и мерките за поддршка на граѓаните насочени кон унапредување на животниот стандард.

Во овој момент сè уште се во тек состаноците и кога ќе завршат, ќе имаме појасна слика, но во принцип со ребалансот на буџетот ќе останеме во основата на среднорочната фискална рамка утврдена со фискалната стратегија за периодот 2027 – 2031 година, која неодамна ја усвои Владата.

Наведовте дека со ребалансот Владата не отстапува од зацртаната цел за фискална консолидација. Дали и кога ќе ги постигнеме оние фискални правила од 3 проценти буџетски дефицит и јавен долг до 60 проценти?

– Со усвоената фискална стратегија, на која се заснова и фискалната политика што ќе ја спроведуваме оваа година, а ќе биде пресликана во ребалансот,  главни цели остануваат обезбедување оддржливи и стабилни јавни финансии на среден и долг рок, спроведување постепена и одговорна фискална консолидација преку намалување на буџетскиот дефицит, како и зачувување на макроекономската и на финансиската стабилност во услови на енергетска и ценовна нестабилност. Кога велам фискална консолидација, особено ја темелам на фискалната одговорност и дисциплина во планирањето и користењето на јавните средства, а во рамките на реални и одржливи фискални можности. Во пракса тоа значи дека ќе одиме со фазно спроведување, без нагли органичувања, затоа што не сакаме да предизвикаме штети на економијата и да го прекинеме оној циклус на економски раст од речиси 3,5 проценти што го имаме постигнато во последната една и пол година. Значи, се стремиме да го постигнеме она правило што го потенцирате и вие во прашањето од 3 проценти од 2028 и понатаму да се спуштиме и под тоа ниво, но истовремено ќе внимаваме да создадеме услови за економски раст. Фискалната консолидација не е само прашање на кое треба да работиме, туку и процес што на некој начин е повеќе од потребен со оглед на тоа што имаме неизвесности во континуитет и треба да создадеме една резерва за евентуални идни шокови. Би напоменала дека ова е важно прашање што не нè засега само нас, туку и многу земји во Европа се борат со високи буџетски дефицити, но за нас е поголем предизвик бидејќи ние сме и земја во развој. Оттука, приоритет во фискалната политика останува фискалната консолидација и внимателно и дисциплинирано планирање и трошење на јавните средства.

Дали ваквиот пристап е пресликан и во делот на управувањето со јавниот долг. Каква е стратегијата на Министерството за финансии?

– Министерството за финансии, во согласност со динамиката на објавување на состојбата на јавниот долг, на крајот на април ја објави состојбата на јавниот долг за првиот квартал од 2026 година. Во согласност со објавените податоци, јавниот долг во апсолутен износ изнесува 10,747 милијарди евра или 59,7 проценти од БДП и бележи намалување за 1,5 п.п во споредба со состојбата на 30 јуни 2024 година или кога ја презедовме власта.

Ова, да појасниме, значи дека буџетските средства придонеле за раст на економијата, што е поголем од апсолутниот раст на долгот. И кога говориме за задолжувања, нивната оправданост се гледа преку тоа во што се насочени. Да бидеме појасни за јавноста, кога станува збор за задолжувањата, oваа Влада има голем предизвик со сервисирање стари обврски, кои се реализирани во минатото, а достасуваат во овие четири години. Да потсетам дека минатата година реализиравме отплата на еврообврзницата од 500 милиони евра, оваа година за отплата е еврообврницата од 700 милиони евра и половина од оваа еврообврзница веќе е сервисирана, а половина ќе се сервисира во текот на јуни 2026 година. Или попластично, вкупно 9 милијарди евра стари долгови по основ на главнина и камата на долг, што оваа Влада има обврска да ги сервисира од 2026 до 2031 година.

Управувањето со јавниот долг, особено кога веќе нивото е достигнато до оној психолошки момент од 60 проценти, бара огромна внимателност со цел да се зачува стабилноста во јавните финансии, а во услови кога треба да се финансира и развојот. Што покажуваат бројките, може за тоа да разговараме за да дадеме една јасна слика што правиме кога зборуваме за јавниот долг. Во 2017 година јавниот долг изнесуваше 4,78 милијарди евра, кој до вториот квартал од 2024 година достигна 8,87 милјарди евра, што e двојно зголемување во време на владеење на претходната влада. Она што сакам да укажам и да повторам дека во периодот од втората половина на 2024 до првиот квартал од оваа година само за сервисирање на еврообврзниците се обезбедија 1,2 милијарда евра и ова е само главнина и само дел од обврските што достасаа, дополнително на тоа се и обврски и по други основи за реализација на проекти и обврски на домашниот пазар. За мене, важни се средствата што ги обезбедивме за проекти во општините во овој период и, секако, 250 милиони евра, кои ги позајмивме во економијата и кои сега се евидентираат во јавниот долг, но тие ќе се вратат во буџетот. Најважно е дека со тој проект имаме ефекти врз економскиот развој. Да потенцирам дека имаме многу внимателен пристап во управувањето со јавниот долг и севкупно со јавните финансии и силно сме посветени на создавање услови за остварување повисоки и одржливи стапки за развој.

Извор: МИА

Маркетинг
Ad 1
Ad 1