Connect with us

Економија

Ристески на конференција во Будва: Науката и бизнисот мора да соработуваат за поконкурентни и позелени бизниси

Малите и средните претпријатија имаат клучна улога во економскиот раст, иновациите и социјалната стабилност, како држава даваме поддршка и креираме политики за нивен поголем раст и развој – порача заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески на конференцијата „Лансирање на Индексот на политики за мали и средни претпријатија 2026 за Западен Балкан и Турција“, што се одржува во Будва.

Во рамките на конференцијата Ристески учествуваше на панел-дискусија посветена на одржливоста и отпорноста на малите и средните претпријатија, со фокус на зелената транзиција, ефикасното користење на ресурсите, одржливото финансирање и соработката меѓу науката и бизнисот

– Научното истражување и бизнисот не треба да се третираат како одвоени категории, тие мора да имаат поголема соработка, а истражувањето мора да се користи како директна алатка за правење постабилни, попаметни, поконкурентни и позелени бизниси. Најголемата можност за посилна соработка помеѓу истражувањето и бизнисот е трансформирање на постојното знаење и стратегии во реална, практична иновација, што малите и средните претпријатија навистина може да ја користат – рече Ристески.

Тој додаде дека Владата формира стратешката рамка како основа, која се состои од Националната развојна стратегија, Стратегијата за МСП, Стратегијата за паметна специјализација и Патоказот за циркуларна економија развиен со ОЕЦД, и дека токму оваа основа рамка е патоказот на идните политики за развој на малите и средните претпријатија во Македонија.

– Во рамките на Министерството за економија и труд ја изготвивме Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025 – 2030 година, стратегија што ги поврзува сите области – конкурентноста, иновациите, зелената транзиција, вештините и отпорноста. Ова обезбедува сите наши планови и инструменти за поддршка на развојот на малите и средните претпријатија да не бидат изолирани, туку дел од координиран политички систем – додаде Ристески.

Конференцијата „Лансирање на Индексот на политики за мали и средни претпријатија 2026 за Западен Балкан и Турција“, како што се наведува во соопштението од Министерството за економија и труд, е организирана од Организацијата за економска соработка и развој (OECD), а на неа учество зедоа министрите одговорни за развој на бизнисот, конкурентност и економски прашања на земјите од Западен Балкан и Турција, земјите членки на ОЕЦД и ЕУ, Европската комисија, како и претставници од меѓународни и регионални партнерски организации.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1