Култура
Јованова-Грујовска на трибината посветена на 30 години Денови на Благоја Корубин: Ова е најстарата и најдолговечна научна манифестација во независна Македонија
Деновите на Благоја Корубин се најстарата и најдолговечна научна манифестација во независна Македонија, тие се се дел од историјата, сегашноста и иднината на Институтот за македонски јазик – порача денеска директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска, на отворањето на трибината со наслов „Македонскиот јазик и Благоја Корубин – 30 години меѓу нас“, организирана по повод чествувањето на 30-годишниот јубилеј на научната манифестација Денови на Благоја Корубин.
– И, така, сите пораснавме, созреавме, а богами и остаревме. Деновите на Благоја Корубин се дел од историјата, сегашноста и иднината на Институтот за македонски јазик. Помладите од Институтот и од филолошките факултети ги прифатија и со љубов учествуваат секоја година во овие денови. Така и да остане. Така делата на Благоја Корубин и на Снежана Велковска имаат иднина. Да ни бидат вечни Деновите на Благоја Корубин – рече Јованова-Грујовска пред присутните.
Таа нагласи дека од првиот работен ден до крајот на својот живот научната мисија на Корубин и Велковска била безрезервно поддржана и реализирана од проф. д-р Снежана Веновска-Антевска, научен советник, особено во периодот кога била директорка на Институтот за македонски јазик. Проф. д-р Лидија Тантуровска, научен советник, од 1987 година работела под водство на Корубин и била меѓу првите во одборот на манифестацијата. Потоа се приклучиле проф. д-р Олгица Додевска-Михаиловска, проф. д-р Катица Топлиска-Евроска и проф. д-р Фани Стефановска-Ристевска.
– Поминаа како миг 30 години, посветени на еден од најголемите повоени македонисти на 20 век заедно со Тодор Димитровски и Трајко Стаматовски – тројцата стамени поддржувачи и продолжувачи на делото на Блаже Конески и на стандардизацијата и кодификацијата на македонскиот јазик. Годинава, на 1 март се навршија 105 години од раѓањето на Благоја Корубин, основачот на Одделението за современ јазик и еден од основачите на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Речиси до крајот на својот живот тој беше раководител на Одделението за современ македонски јазик, а потоа го наследи проф. д-р Снежана Велковска. Снежана Велковска е меѓу ретките научници што со неизмерна почит и пиетет го наследи својот раководител, учител и ментор во науката – истакна Јованова-Грујовска.
Додаде дека Велковска и по неговата смрт го продолжи научниот век на Благоја Корубин преку довршувањето на Интенционално-синтаксичкиот речник на македонските глаголи, како и преку постхумното објавување на неговите последни текстови од јазичното катче на „Нова Македонија“ во новата едиција на Институтот, „Јазикот наш денешен“.
– И оваа едиција ја осмисли и 25 години ја уредуваше д-р Снежана Велковска. Таа ги создаде и 25 години ги организира Деновите на Благоја Корубин, со централен научен собир што постепено стана меѓународен. Во клучен момент таа го презеде раководењето и со Одделението за лексикологија и лексикографија. Од 2000 година, па сè до објавувањето на последниот, шести том, успешно го раководеше проектот „Толковен речник на македонскиот јазик“, а подоцна и електронското издание на речникот, кое може да се најде на makedonski.gov.mk. Корубин и Велковска останаа нераскинливо поврзани како стожери на Институтот, што им отвори пат за учество и објавување научни трудови на сите асистенти, научници и професори од Институтот за македонски јазик, како и од филолошките факултети од земјата и од странство – рече директорката на Институтот.
Снежана Велковска потсети дека пред 30 години, една година по смртта на Благоја Корубин, таа како тогашен раководител на Одделението за современ јазик, се соочила со многу проблеми.
– Сите, да речам, непријатели на Корубин, ги наследив. Тој беше еден од лингвистите што беа најмногу онеправдани. Поради својата политичка активност, погрешно сфатена, според мене, доживеа затвори, прогони и така натаму. Никогаш не беше директор на Институтот, никогаш не беше на некоја позначајна функција. Меѓутоа, беше еден од лингвистите во Македонија кој вистински ја познаваше суштината на македонскиот јазик. И тоа го пренесуваше на сите. Беше несебичен човек, сакаше на сите да им помогне. Сите што работеле со него тоа го знаат и јас чувствував дека сме должни на некој начин да му оддадеме почит. Тоа е едната причина. Втората причина е што во тоа време се одржуваше само научната дискусија при Семинарот за македонски јазик. Немаше ништо друго. А луѓето, нормално, работат и сакаат своите трудови и резултати да ги презентираат пред другите, да се продискутираат, за да може да се даде нивна вистинска валоризација – рече таа.
Во одреден период имало предлози оваа манифестација да прерасне во конгрес и, како што рече, таа постојано тоа го повторува бидејќи единствено Македонија нема свој конгрес.
– Сите други околни земји имаат свои конгреси на кои сите македонисти – не само од јазикот туку и од литературата, историјата и фолклорот – се обединуваат и ги презентираат своите резултати широко во светот. А ние немаме таков конгрес. Имаше идеја оваа манифестација да прерасне во таков собир. На вас младите останува да се потрудите или не, според вашето видување – порача таа.
Претседателката на Меѓународниот организациски одбор на манифестацијата, Катица Топлиска-Евроска, истакна дека пред точно три децении со визија и научен занес бил поставен темелот на оваа манифестација.
– Денес, 30 години подоцна, сведоци сме на зрел, моќен и незаменлив форум на македонистиката. Ово јубилеј не е само бројка, тоа е доказ дека македонскиот јазик се истражува, живее и се разива рамо до рамо со светските јазици. Ова место е чувар на аманетот на Конески. Им благодарам на сите што ја вложија својата мисла во овие три децени – рече таа и им порача на младите колеги да продолжат со истиот жар.
мај 13, 2026
