Култура
Традиционални народни носии од охридско-струшкиот предел претставени на фестивал во Шпанија
Пет традиционални народни носии од охридско струшките етнички предели беа претставени на 6-тиот Меѓународен фестивал на традиционална носија во Замора, Шпанија.
Љупчо Милошески кореограф во културно уметничкото друштво „Илинден“ од Струга информира дека дел од членовите ги претставиле носии од градот Струга и етничките предели: Охридски крајбрежни села, Охридско-струшко поле и Малесија. Носија од етничкиот предел Малесија, односно од селото Збажди била дел меѓу изложените традиционални носии во Teatro Ramos Carrión- Diputación Provincial de Zamora.
– Успешно заврши уште една мисија во претставување на македонската традиционална култура на облекување, овој пат во Замора. „Охрид и Струга – етнографски бисери на Балканот“ беше насловот на нашата презентација, преку која беа презентирани традиционални народни носии. Преку автентични примероци од народното творештво, публиката имаше можност да се запознае со богатството, разновидноста и естетиката на македонската традиционална носија, како значаен дел од културното наследство на Македонија, изјави Милошески.
Покрај ревијата на носии, тој посочи дека во рамките на Фестивалот имале презентација на која преку фотографии и видео материјали на присутните им била прикажана изработката на народните носии, материјалите, како и значењето.
– Македонската традиција и култура беа претставени со четири женски и една машка носија од градот Струга и етничките предели: Охридски крајбрежни села, Охридско-Струшко Поле и Малесија. Интересот беше голем. За овој дел од Европа бевме навистина уникатни од она што го знаат како традиционална носија, додаде Милошески.
мај 12, 2026
