Connect with us

Останати спортови

Ѓоргиев: Без калкулации во Европската лига

Македонската машка одбојкарска репрезентација во одлични услови и мирна работна атмосфера ги стартуваше во Крушево подготовките за настап во Европската лига 2026.

Комбинираниот тим кој селекторот Јошко Миленкоски и неговиот стручен штаб го имаат на располагање полека влегува во тренажниот процес според планот, кој е поделен на претпладневни и попладневни тренинг сесии, со дозиран интензитет и од различен карактер.

Организаторот на играта и еден од најискусните репрезентативци Ѓорѓи Ѓоргиев изрази задоволство од енергијата со која националниот тим влезе во овој циклус.

„Ме радува што повторно сме во Крушево по подолго време. Како репрезентација имаме многу убави спомени од овој град и сме имале претходно многу квалитетни подготовки, а верувам дека така ќе биде и сега. Одлична атмосфера имаме на стартот, млади деца, нова енергија, играчи кои еден ден треба да не заменат нас повозрасните и во нив ја гледам иднината на репрезентацијата. Ме радува и што започнавме една недела порано со подготовките, тоа ќе ни даде повеќе време да се запознаеме и подобро да се подготвиме. Уште сме на стартот, и ќе одиме чекор по чекор, за да може веќе на трите турнири во Европската лига да го дадеме максимумот за овој циклус“, истакна Ѓорѓи Ѓоргиев.

Според него, во претстојните натпревари од Европската лига нема да има простор за калкулации.

„Во Европската лига 2026 на некои натпревари ќе бидеме ние фаворити, на некои противниците ќе го имаат тој епитет, но доколку сакаме Македонија повторно да игра на Европско првенство во 2028 година тогаш мора сериозно да си ја сфатиме работата. Немаме простор за калкулации. Според мене три максимални победи против Косово, Луксембург и Исланд е нешто што е задолжително, додека против Холандија, Грција и Израел, која има убава генерација, но не се непобедливи, да ги бараме нашите шанси и да извлечеме максимум од секој натпревар што ќе значи и чекор поблизу до следниот континентален собир. Истовремено дуелите со овие три селекции кои важат за фаворити ќе ни помогнат многу и во процесот на подготовка за ЕП, затоа што во Софија ќе нè чекаат исти такви тешки противници па да видиме до каде и колку може да играме со нив“, заклучува Ѓоргиев. 

Маркетинг
Ad 4
Ad 4