Connect with us

Свет

Педесетина заболени на крузер во Бордо, се испитува причината за заразата

Крузер со околу 1.700 патници и членови на екипажот се закотви во југозападниот француски град Бордо по појавата на бран гастроинтестинални заболувања на бродот, соопштија денеска локалните власти.

На лицата на бродот не им е дозволено да се симнат на копно, соопштија локалните здравствени власти и префектурата.

Капетанот навел дека околу 50 патници се разболеле, додека локалниот весник „Суд уест“ и други француски медиуми објавија дека починал британски патник на возраст над 90 години.

Лекари се качиле на бродот „Амбишн“ за да ја проценат состојбата и да земат примероци, соопштија властите.

Француските власти нагласија дека нема причина да се воспоставува врска меѓу оваа појава на зараза на крузерот што пристигнал од Белфаст и Ливерпул, и крузерот „Хондиус“, кој е погоден од епидемија на хантавирус.

Властите соопштија дека за натамошните чекори ќе одлучат денеска, откако ќе бидат достапни првичните резултати од тестирањата.

„Амбишн“ првично планирал да го продолжи патувањето кон Шпанија.

„Хондиус“ во неделата се упатил кон пристаништето Тенерифе, каде што патниците биле евакуирани.

Во моментов се регистрирани 11 потврдени или веројатни случаи на хантавирус поврзани со бродот кој отплови од Аргентина на почетокот на април. Меѓу нив има тројца починати патници, кај кои или била потврдена инфекција, или постоело сомнение дека биле заразени со типот „андес“ на хантавирусот.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1