Култура
Меѓународна конференција: Траумата денес се смета за водечки концепт и фундаментална карактеристика на културата во целина
Траумата денес се смета за водечки концепт и фундаментална карактеристика на културата во целина. Како комплексен психолошки феномен што се проучува преку разни научни дисциплини, траумата сè повеќе добива истражувачки интерес и во полето на книжевните и културолошките студии, беше истакнато на Меѓународната конференција „Траумата во литературата“, што е дел од научноистражувачки проект на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, поддржан од Министерството за образование и наука.
Министерката за обрзаование и наука Весна Јаневска ги поздрави учесниците на конфренцијата и притоа го честита јубилејот – 45 години од основањето на Институтот.
– Продолжете со успех да го проучувате и толкувате литературното творештво и културното наследство во Македонија и да ја афирмирате државата на светската научна карта. Но, со оглед на тоа дека со години не било направено она што требало да биде направено, сосема свесно одвоивме многу средства и за општествените и за хуманистичките науки – истакна Јаневска.
Таа нагласи дека најдоброто што можеме да го направиме за нашите деца и за нашата иднина е постојано да ги зголемуваме средствата за научноистражувачката дејност, да ја регулираме сферата со јасни правила и стандарди со нов закон за научноистражувачка дејност, а со новата национална програма за научноистражувачка дејност да ја стегнеме структурната рамка што ја насочува распределбата на средства и ги поврзува институциите, истражувачите, но, секако, и индустријата.
– На ова работиме во изминатиот период градејки целосна рамка за поддршка на науката со современи лаборатории, фондови за иновации, програми за млади истражувачи и јасна регулатива, што гарантира транспарентност, одговорност, но искрено се надевам и успех. Најбогати и најуспешни земји се оние што вложувале во човечкиот капитал, а ние човечки капитал имаме и доказ за тоа сте вие. Она што треба да го направиме е само да генерираме нови и нови млади луѓе, кои ќе се занимаваат со истражување, кои ќе го посветат животот на истражување и иновации. Иновации има и во општествените науки, и во хуманистичките науки, и во лингвистиката, а на сите сосема ни е јасно дека во овој момент најевтино продаван продукт во светот е иновацијата. Тоа ние можеме да го направиме – истакна Јаневска.
Таа додаде дека преку обуки и програми за професионален развој ја поддржуваме наставничката заедница, со цел, како што рече, да го промени начинот на кој младите ја доживуваат науката.
Директорката на Институтот за македонска литература, Наташа Аврамовска, истакна дека оваа конференција ја организираат како централна активност, со која го чествуваат јубилејот 45-годишниот раст и развој на Институтот.
Таа упати благодарност до учесниците од странство, проф. д-р Ана Менхерт од Универзитетот во Будимпешта, Унгарија, проф. Тихомир Брајовиќ од Филозофскиот факултет во Сараево, проф. Санин Кодриќ од Филозофскиот факултет во Сараево и проф. Никица Гелиќ од Филозофскиот факултет во Загреб, од кои, рече таа, секој со својот прилог особено придонесува кон денешното интердискурзивно проследување на траумата во литературата и културата.
– Сите сме свесни во каков свет живееме, не само поединецот туку и заедниците, општествата, разни култури, разни ситуации. Меѓутоа, и на индивидуално ниво ние се соочуваме со нешто што во најмала рака би го нарекле стресно кризно време на миграции, на економски, еколошки и други закани, така што сето тоа се рефлектира во книжевноста и проектот се обидува од разни аспекти, значи во комуникација со сфери не само на другите хуманистички науки, како што е филмологијата, туку и со медицината. На пример, траумата на трансплантацијата на органите со миграциите, со родовото наследство. Значи, од многу аспекти во текот на вековите да се проследи – рече Аврамовска.
Ана Мартиноска, раководителка на проектот, истакна дека во проектот учествуваат дваесет и четири истражувачи, вклучувајќи го научниот кадар на Институтот, како и неколкумина докторанди од културолошките и македонистички студии. Според неа, оваа соработка е одличен пример за можностите и важноста на колективната научна работа, која обединува повеќе генерации истражувачи со разни степени на звање и искуство, па дури и со дивергентни научни интереси.
– Трудовите што ќе бидат претставени овие два дена нудат толкување на репрезентацијата на траумата во разни развојни етапи на македонската книжевност од средниот век, преку народната литература и 19 век, сè до современата книжевна продукција. На тој начин проектот како целина оформува дијахрониски преглед на генезата и развојот на проучувањето на траумата во нашата средина, укажува на нејзината актуелна релевантност во рамките на современите теориски, компаративни и интердисциплинарни пристапи – рече таа.
Мартиноска посочи дека траумата како поим стана исклучително актуелно поле на истражување во повеќе хуманистички и општествени дисциплини и генерира и посебна дисциплина на таканаречената теорија на траумата, чии разновидни и често спротивставени пристапи и денес ги преиспитуваат границите на ова интердисциплинарно подрачје.
– Терминот траума денес се смета за водечки концепт и фундаментална карактеристика на културата во целина. Во таа смисла, таа станува предмет на значителен интерес и на книжевните и културолошките студии, во чии рамки теоријата на траумата бара нови начини за критичко читање на литературата и културата, особено во нејзината поврзаност со меморијата, идентитетот и наративните модели на претставување. За книжевните студии, особено е важен односот помеѓу културата и траумата, културните и социјалните димензии на трауматското искуство. Траумата не се восприема само како индивидуално доживување, туку како културен, културно посредуван феномен, кој се обликува преку дискурси, наративи и колективни практики на сеќавање. Оттука, книжевните текстови претставуваат важен простор за реконструкција, интерпретација и преиспитување на овие искуства – рече таа.
Мартиноска наведе дека главните прашања на оваа конференција ќе се движат кон начините на кои нарацијата ја одразува меморијата, претставувањето на субјективноста на паметењето и заборавот, раскажувањето на колективните страдања и нивното зачувување во културното паметење, спрегата на етиката и естетиката.
мај 13, 2026
