Connect with us

Свет

Средбата Трамп – Си би можела да ги дефинира односите меѓу суперсилите на подолг рок

„Би-Би-Си“

13 мај 2026

Безбедносните мерки околу историскиот плоштад Тјенанмен во Пекинг се значително засилени последните денови, додека на социјалните мрежи кружат гласини за специјална парада или голем, внимателно организиран настан.

Подготовките за големиот дочек започнаа тивко, но се проценува дека Кина изгледа подготвена да приреди импресивна „претстава“ за американскиот претседател Доналд Трамп.

Програмата предвидува разговори меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг, свечена вечера и посета на Храмот на небото – комплекс од царски храмови каде што владетелите традиционално се молеле за добра жетва.

И Трамп и Си Џинпинг, според очекувањата, се надеваат дека посетата ќе вроди плод.

Средбата на двајцата најмоќни светски лидери би можела да стане еден од најзначајните политички настани за годините што доаѓаат.

Со месеци односите меѓу САД и Кина беа ниско на листата на приоритети на Трамп, кој се фокусираше на војната со Иран, воените операции на западната хемисфера и внатрешни политички прашања.

Но оваа недела тој фокус се менува. Влогот е иднината на светската трговија, растечките тензии околу Тајван и конкуренцијата во напредните технологии.

Иако трговската војна со САД и конфликтот со Иран претставуваат економски предизвик за кинескиот претседател Си Џинпинг, тие истовремено имаат и политичка и идеолошка димензија, што му дава дополнителни адути.

Оваа посета би можела да ги постави темелите за идната соработка – или за нови конфликти – за годините што следуваат.

„Шепотења за Иран“

Кина се обидува тивко да се позиционира како посредник во веќе тримесечниот конфликт.

Пекинг се приклучи на Пакистан како посредник во американско-израелскиот конфликт со Иран.

Дипломати од Пекинг и Исламабад во март претставија план во пет точки со цел постигнување примирје и повторно отворање на Ормуската Теснина – клучната поморска рута за транспорт на нафта и течен природен гас.

Во меѓувреме, кинеските претставници постепено ги насочуваат иранските партнери кон преговарачка маса.

Независно постојаната демонстрација на моќ, Пекинг сака окончување на конфликтот на Блискиот Исток.

Кинеската економија се соочува со забавен раст и повисока невработеност. Зголемувањето на цените на нафтата ги зголеми трошоците на производството на се, од текстил до пластика. За некои кинески производители, трошоците пораснале и до 20 проценти.

Кина има големи резерви на нафта и предност во обновливата енергија и електричните возила, но војната дополнително ја оптоварува веќе забавената економија што силно е зависна од извозот.

Доколку Кина се вклучи како посредник и им помогне на САД, ќе очекува и нешто за возврат.

Посетата на иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, на Пекинг минатиот викенд беше, според оценките, сигнал за контролата и влијанието што Кина го има на Блискиот Исток.

САД внимателно ги следат тие случувања.

„Се надевам дека Кинезите ќе му кажат што треба да му се каже“, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио. „Она што го прават во Ормуската Теснина ги прави изолирани во светот. Тие се негативци во оваа ситуација.“

Вашингтон се обидуваше да ја убеди Кина да не блокира нова резолуција на Советот за безбедност на ОН за осуда на иранските напади врз бродови во Ормуската Теснина.

„Ако сакаме Иран повторно да дојде на преговарачка маса, САД мора да признаат дека Кина ќе има улога“, изјави Али Вин од Меѓународната кризна група.

Трамп, пак, не покажа загриженост за блиските врски меѓу Пекинг и Техеран. И покрај санкциите врз кинеска рафинерија за увоз на иранска нафта, тој ја минимизираше улогата на Кина во конфликтот.

„Тоа е така, нели? И ние правиме некои работи против нив“, изјави Трамп пред новинарите.

Иднината на Тајван

Администрацијата на Трамп испраќа мешани сигнали кога станува збор за прашањето околу Тајван.

Во декември, САД најавија договор за оружје со Тајван вреден 11 милијарди долари, што предизвика незадоволство во Пекинг.

Сепак, Трамп ја намали подготвеноста на САД да го бранат Тајван, кого Кина го смета за своја територија.

„Тој го смета за дел од Кина“, рече Трамп говорејќи за Си Џинпинг. „И негова работа е што ќе прави понатаму“.

Исто така изјави дека Тајван не придонесува доволно за американската безбедносна заштита, велејќи „не ни даваат ништо.“

Минатата година, тој воведе царина од 15 отсто за Тајван и го обвини дека го „краде“ производството на полупроводници од САД.

Минатата недела, Рубио изјави дека прашањето за Тајван ќе биде дел од разговорите за време на посетата на Кина, но дека целта е тоа да не прерасне во нов извор на тензии меѓу двете суперсили.

„Не ни се потребни никакви дестабилизирачки настани во однос на Тајван или било каде на друго место во Индо-Пацификот“, рече тој. „И мислам дека тоа е од взаемна корист и за САД и за Кина.“

Кина пак наговести дека прашањето за Тајван и е приоритет во овие разговори.

По телефонскиот разговор со Рубио, министерот за надворешни работи Ванг Ји изјави дека се надева дека САД ќе „донесат правилна одлука“.

Во меѓувреме, Пекинг го засилува воениот притисок со речиси секојдневно испраќање воени авиони и бродови околу Тајван.

Некои аналитичари сметаат дека кинеските власти се обидуваат да го променат формулирањето за Тајван, кое внимателно е дефинирано уште од 1982 година.

Последната декларирана позиција на Вашингтон е дека САД во моментов не поддржуваат независност на Тајван. 

Прашањето е дали Пекинг може да инсистира на поостар формален став, како на пример дека „Америка се спротивставува на независност на Тајван“.

„Не мислам дека претседателот Си Џинпинг ќе оди во таа насока“, вели Џон Делури, виш соработник во Центарот за американско-кинески односи при Азијското друштво. „Дури и ако Трамп каже нешто неочекувано, нешто што би изгледало како некаква капитулација околу Тајван, бидејќи тој не е многу внимателен во изборот зборови, Кинезите знаат дека не смеат премногу да се потпираат на тоа, затоа што тој може да го смени ставот веќе следната недела преку објава на платформата „Truth Social.“

Клучни трговски преговори

Во поголем дел од 2025 година, САД и Кина делуваа како да се на работ на нов трговски конфликт што би можел да ги потресе темелите на светската економија.

Трамп постојано ги зголемуваше и намалуваше царините кон најголемиот американски трговски партнер, достигнувајќи повремено и над сто проценти.

Кина одговори со ограничување на извозот на ретки земни минерали кон САД и намалување на купувањето американски земјоделски производи, што особено ги погоди фармерите во клучни сојузни држави што традиционално гласаат за Трамп.

Тензиите се намалија по средбата на Трамп и Си Џинпинг во Јужна Кореја во октомври минатата година.

Одлуката на Врховниот суд во февруари, која ја ограничи едностраната моќ на претседателот, исто така придонесе за смирување на понепредвидливите трговски потези на Трамп.

Сепак, Трамп и Си Џинпинг и понатаму имаат за што да разговараат.

Американскиот лидер ќе настојува да го зголеми извозот американски земјоделски производи на кинескиот пазар.

Кина, пак, најверојатно ќе врши притисок САД да се откажат од неодамна најавената истрага за нефер трговски практики, што би можела да му овозможи на Трамп повторно да воведе повисоки царини за кинески стоки.

Тоа би можело да биде чувствително прашање за американската страна.

„Може да биде тешко за САД да се откажат од истрагата за сите нефер кинески трговски практики, имајќи предвид колку се тие се уште распространети и штетни“, изјави Мајкл О’Ханлон од Институтот „Брукингс“.

Администрацијата на Трамп ги покани раководителите на големи компании како „Nvidia“, „Apple“, „Exxon“ и „Boeing“ да бидат дел од американската делегација на престојната посета на Кина.

Иако Кина денес е помалку зависна од САД отколку за време на првиот мандат на Трамп, Си Џинпинг има интерес состанокот да помине успешно, бидејќи на Кина и е потребна стабилност во глобалната економија.

Кина денес е најголем трговски партнер на повеќе од 120 земји, но Си Џинпинг внимава да не делува премногу самоуверено за време на посетата.

„Ако посетата помине без проблеми и Трамп почувствува дека бил третиран со почит, сегашниот тензичен мир во билатералните односи ќе се задржи“, вели Рајан Хас од Кинескиот центар „Џон Л. Торнтон“ при Институтот Брукингс. „Ако, од друга страна, Трамп се врати дома со чувство дека бил непочитуван или манипулиран, тој би можел да го промени ставот.“

Иднината на вештачката интелигенција

Кина е во трка за контрола врз иднината. Таа значително инвестира во вештачка интелигенција и хуманоидни роботи.

Тие технологии се дел од она што Си Џинпинг го нарекува „нови продуктивни сили“, со кои Пекинг се надева дека ќе ја придвижи напред кинеската економија.

Сепак, многу американски политички и безбедносни аналитичари сметаат дека официјалната политика на Кина вклучува присвојување или директно преземање на американска технологија со цел развој на сопствената индустрија.

Тоа, меѓу другото, доведе до ограничувања на извозот на најновите микропроцесори, и покрај противењето на американските производители.

Успешното решавање на спорот околу сопственоста и управувањето со популарната апликација „TikTok“ претставува редок позитивен пример во инаку затегнатите американско-кинески технолошки односи.

Таквата динамика е особено изразена во трката за развој на системи за вештачка интелигенција – можеби клучната технолошка област на иднината.

Ситуацијата дополнително се комплицира од американските обвинувања дека кинески компании, како „DeepSeek“, користат или копираат американски модели на вештачка интелигенција.

„Се отвора почетното поглавје на еден ладен технолошки конфликт околу вештачката интелигенција“, вели Џинџи Ма од Кинескиот центар „Џон Л. Торнтон“ при Институтот „Брукингс“.

„Белата куќа ја обвинува Кина за индустриска кражба на американски AI модели, додека Пекинг, наводно, презема мерки за да спречи „Мета“ да го купи „Manus“ (стартап за вештачка интелигенција финансиран од Кина, со седиште во Сингапур).

„Гледано подлабоко, трката не е само во тоа кој ќе копира чиј модел, туку кој ќе ги има најдобрите кадри што ќе ја разработуваат следната генерација на напредната вештачка интелигенција.“

Кинеските роботи веќе можат да изведуваат забавни перформанси, со движења инспирирани од кунг-фу техники и да трчаат речиси со брзина на луѓето на маратоните во Пекинг.

Но, иако кинеските компании се напредни во изградба на „телото“ на роботите, многу се уште се работи на развојот на нивните „мозоци“.

За да го достигнат врвот, потребни им се најсовремени компјутерски чипови – а тие најчесто доаѓаат од САД.

Тука Пекинг би можел да ја користи својата предност во ретките земни минерали – клучен ресурс за кој Трамп очигледно има голем интерес.

Кина контролира околу 90 отсто од глобалната обработка на ретки земни минерали, неопходни за современата технологија – од паметни телефони и ветерни електроцентрали, до авионски мотори.

Затоа, можеби ќе биде неопходен некаков компромис.

САД би можеле да добијат пристап до кинеските ретки земни минерали во замена за најсовремени чипови.

Во таа смисла, ретките земни минерали стануваат „кинеска Ормуска Теснина““ – ресурс чиј проток Пекинг може да го контролира.

Поради сите овие прашања, посетата на Трамп ќе биде динамична и интензивна, со бројни средби закажани за 14 и 15 мај.

Иако можеби нема доволно време за големи договори, дури и кратката средба меѓу двајцата лидери би можела да ја одреди насоката на идните односи меѓу двете суперсили за години однапред.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1