Свет
Кошта: Мораме заеднички да се соочиме со заканите и да изградиме „Европа на одбраната“

Европската Унија е посветена на заедничко соочување со заканите, без разлика дали се конвенционални, хибридни или кибер, со јасна цел да се изгради „Европа на одбраната“, изјави доцна синоќа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта по завршувањето на неформалниот Самит на ЕУ во Копенхаген.
– Европските граѓани се оправдано загрижени за се попровокативното и неодговорно однесување на Русија. Кога Данска, Полска или Естонија дејствуваат против упадите во нивните воздушни простори, тие ги штитат нашите заеднички граници и територија и ја имаат нашата целосна поддршка, истакна Кошта на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и данската премиерка Мете Фредериксен.
Кошта потсети дека во изминативе три години членките на ЕУ значително ги зголемија своите трошоци за одбраната и се согласија за приоритетните капацитети на кои треба да се фокусираат за да се гарантира безбедноста на сите Европејци.
– Денеска, отидовме еден чекор понатаму. Го поздравувам документот што го презентираа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и високата претставничка Каја Калас. Лидерите ги поддржаа почетните приоритетни водечки проекти што ќе ја зајакнат безбедноста на Европа, вклучувајќи ги европскиот „Ѕид на дронови “ и „Источната стража“. Ова е клучен чекор на нашиот пат кон постигнување заедничка одбранбена подготвеност до 2030 година, рече Кошта.
Кошта се осврна и на Украина, повторувајќи ја посветеноста за поддршка на земјата на сите фронтови за да се постигне праведен и траен мир, но повика и на забрзување на процесот на нејзино пристапување во ЕУ.
– Украина ги исполнува реформите поврзани со пристапувањето во ЕУ, а Комисијата го призна тоа. Сега е ред на и ЕУ да исполни, затоа што проширувањето е процес базиран на заслуги и затоа што проширувањето ќе ја направи Европа посилна, додаде Кошта.
Фон дер Лајен, пак, оцени дека неодамнешните нарушувања на воздушните простори на Полска, Романија, Естонија и Данска се дел од хибридни воени тактики и преставуваат закани што бараат силен и решителен европски одговор.
– Секој европски граѓанин и секој квадратен сантиметар од нашата територија мора да бидат безбедни. Затоа мора да обезбедиме најсилно одвраќање по обем и брзина. Чувството за итност е јасно, бидејќи зачувувањето на мирот отсекогаш било основна задача на Европската Унија, рече Фон дер Лајен.
Според неа, добра вест во сето ова е дека „тркалото веќе е во движење“ и дека во тек е инвестициски бран во заедничката европска одбрана.
– Сега ни треба прецизен, паневропски план за тоа како да ги пополниме празнините во капацитетите и како да продолжиме напред. Тоа е целта на документот за кој дискутиравме денес, рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека тој план, чија конечна верзија ЕК ќе ја промовира на следниот Европски совет кон крајот на месецов, ќе дефинира не само заеднички цели, туку и конкретни обврски до 2030 година со цел зајакнување на капацитетите и интероперабилноста на вооружени сили на земјите членки на ЕУ, спротивставување на целиот спектар закани на источните граници на Унијата, вклучително и со „Ѕидот на дронови“ и изградба на зголемена, отпорна и иновативна европска одбранбена индустрија.
Во однос на Украина, Фон дер Лајен потенцира дека повеќе од три години и седум месеци од стартот на руската инвазија, земјата продолжува жестоко да и се спротивставува на Русија, која во исто време е под зголемен економски притисок, како резултат на санкциите кои, како што рече, функционираат.
Таа повика на побрзо усвојување на 19-от пакет санкции што неодамна го предложи Европската комисија и на зајакнување на воена помош за Украина, вклучително и со две милијарди евра за производство на украински дронови и со исплата на заем за репарација од замрзнатите руски средства.
– Ако продолжиме да веруваме дека Украина е нашата прва линија на одбраната, а тоа е случај, тогаш треба да ја зголемиме нашата воена помош за Украина, додаде Фон дер Лајен.
Фредериксен, од своја страна, истакна дека денешниот суштински, конструктивен и долг состанок на Европскиот совет се одржа во време кога Русија ги интензивираше нападите во Украина и беа регистрирани руски упади во воздушниот простор и несакана активност на дронови во неколку европски земји.
– Тие ни се закануваат и не тестираат и нема да престанат. Затоа, кои се нашите следни чекори? Прво, треба да ја зголемиме нашата воена и финансиска поддршка за Украина. Многу зборуваме за безбедносни гаранции за Украина, но всушност е обратно. Денес Украина е европска безбедносна гаранција. Нашата поддршка за Украина е директна инвестиција во нашата безбедност и затоа мора да обезбедиме долгорочно финансирање на украинските вооружени сили, рече Фредериксен.
Таа нагласи дека силно го поддржува планот на Европската комисија за заемот за репарации за Украина, најавувајќи дека Данското претседателство со Советот на ЕУ активно ќе работи на остварување на оваа идеја.
Фредериксен истакна и дека сите земји членки, освен една, без да ја именува, на денешната средба ја потврдиле поддршка за пристапување на Украина во ЕУ, откако ќе ги спроведе реформите и ќе биде подготвена за членство.
Данската премиерка додаде и дека Европа мора да биде способна да се одбрани и затоа и се потребни дополнителни одбранбени инвестиции, бидејќи досега вложените милијарди евра не се доволни за одбрана на целиот континент.
– Мислам дека нашата главна цел е едноставно да ја направиме Европа толку силна, што војната нема да биде опција, заклучи Фредериксен.
октомври 3, 2025