Connect with us

Свет

КОП31 го повикаа светот да ја забрза борбата против глобалното затоплување

Светските лидери од Самитот за климата (КОП31) што денеска почна во Анталија, Турција, го повикаа светот да ја забрза борбата против глобалното затоплување.

Двонеделната конференција на ОН почна со повик до владите да се фокусираат на климата, дури и кога другите меѓународни кризи, од војни до растечката инфлација и ризиците од вештачката интелигенција, го преокупираат нивното внимание.

Итноста на моментот мора да нè води напред, истакна извршниот секретар на ОН за климатските промени, Сајмон Стиел, додавајќи дека досегашниот напредок не е „ни приближно доволно брз“.

Извештајот на Програмата за животна средина на ОН, објавен во октомври, покажа дека светот веќе е на пат да го надмине растот на температурата од 1,5 целзиусови степени над прединдустриските нивоа, прагот поставен на Самитот за климата во Париз во 2015 година за да се избегнат најлошите ефекти од затоплувањето.

Еден од приоритетите на КОП31, според турското претседателство, е електрифицирање на повеќе од една третина од глобалната економија до 2035 година, што сега изнесува околу една петина. Од земјите се бара да преземат обврски за поддршка на целта.

Теоретски, таквата цел би можела да помогне во намалувањето на емисиите што ја затоплуваат планетата со забрзување на транзицијата на возила, печки, бојлери, шпорети и друга опрема на фосилни горива што испуштаат стакленички гасови.

– Сакаме луѓето да ги почувствуваат резултатите од преговорите за климата во нивниот секојдневен живот: во згради што користат помалку енергија, во чист јавен превоз, во прифатлива енергија и во нови работни места, посочи турскиот претседател на КОП31 Мурат Курум.

Климатските активисти ја критикуваат целта, бидејќи не се бара дополнителната електрична енергија да доаѓа од извори со ниска емисија на јаглерод, отворајќи спор околу тоа дали самата електрификација треба да се смета за климатски напредок.

Ad
Ad