Connect with us

Свет

Полскиот регулатор покрена постапка против ТВ „Република“ поради дезинформации за пукањето во Краков

Полското регулаторно тело, Националниот совет за радио и телевизија, денеска покрена постапка против опозициската десничарска телевизија „Република“, по повеќе пријави и лавина реакции на социјалните мрежи дека медиумот ширел паника, лаги и дезинформации, обвинувајќи ја владата на премиерот Доналд Туск дека во Краков немало полиција по пукањето во саботата, иако напаѓачот бил уапсен за само неколку минути.

„Во врска со пријавите што пристигнаа до Националниот совет за радио и телевизија (КРРиТ) во врска со известувањето за трагичните настани во Краков, претседателката Агњешка Глапјак покрена постапка за утврдување на фактите. До телевизијата ќе испрати официјално писмо со барање да ги објасни обвинувањата на гледачите и да достави снимка“, објави денеска регулаторното тело.

Во моментот кога 24-годишниот Полјак, кој со воена пушка на Главниот плоштад во Краков уби шест лица, а претходно во семејниот стан ги уби своите татко, мајка и помалата сестра, веќе бил совладан и уапсен, директорот на ТВ „Република“, Томаш Сакјевич, во живо од плоштадот остро ја нападна владата, тврдејќи дека никаде нема ниту еден полицаец. Тој рече дека премиерот Туск, наводно, ги испратил сите полицајци во Варшава за да го растурат протестот на опозицијата пред Уставниот суд.

„Не се знае каде е полицијата. Избегале во Варшава. Ова е невидено, цело време нема ниту еден полицаец“, изјави директорот на ТВ „Република“. Полската јавна телевизија подоцна ја емитуваше истата снимка, на која се гледа дека полицаец стои непосредно зад Сакјевич, додека полициските возила се на само неколку метри од него, од страна и од предната страна.

На снимката се гледа и повозрасна Полјачка која налутено го прашува Сакјевич „што зборува глупости“. Снимката предизвика негодување на социјалните мрежи. Коментарите укажуваа дека тврдењата оти немало полиција бидејќи сите полицајци наводно биле пред Уставниот суд ги демантирале не само полските власти, туку и двајца хирурзи кои се затекнале на местото на настанот и им укажале прва помош на двајца полицајци, тешко повредени при апсењето на напаѓачот. Известувањето го пријавила до регулаторното тело и министерката за култура.

Десничарската ТВ „Република“, која стана платформа за полските опозициски конзервативни националисти на Јарослав Качињски откако во 2023 година ја загубија власта, а државната телевизија „ТПВ“ повторно стана јавен сервис надвор од нивна контрола, ширела дезинформации дека станува збор за терористички напад извршен од група странци или дека напаѓачот можеби е Украинец.

Откако министерот за внатрешни работи Марчин Кервински во саботата вечер соопшти дека станува збор за 24-годишен Полјак, за кого истрагата утврдила индиции дека бил фасциниран од ултранационалистичката идеологија, програмата на ТВ „Република“ преминала на напади врз Кервински, обвинувајќи го дека ја злоупотребува трагедијата за да ја обвини десницата. Гостите во програмата барале негова оставка и смена на владата.

„Новинарите имаат право да поставуваат прашања, дури и кога тоа не ѝ се допаѓа на владата. Сакјевич го покажуваше она што го гледаше на местото. Освен еден маскиран полицаец, таму немаше полиција. И тоа траеше доста долго. Тоа го видоа гледачите, меѓу кои и јас“, изјави лидерот на партијата Право и правда, Јарослав Качињски. Притоа, и тој го игнорираше фактот дека потерата веќе била завршена, а на плоштадот имало полициски возила.

„Ако извор на информации ви е ТВ „Република“, наместо соопштенијата на полската полиција и безбедносните служби, тогаш не е ни чудо што зборувате такви глупости“, му порача на Качињски на социјалната мрежа Икс портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Каролина Галецка.

Во гостување на програмата на јавниот сервис ТВП.инфо, министерот потсети дека само три минути по масакрот, полицајците од првата патрола што тргнала во потера пукале кон напаѓачот, а потоа како поддршка биле ангажирани 30 полициски екипи. Во целата акција учествувале вкупно 1.100 полицајци.

– Ако го прекршиле законот, оние што ја злоупотребуваат оваа трагедија ќе бидат казнет – рече Журек.

Ad
Ad