Connect with us

Свет

Песков: На преговорите во Абу Даби нема да има европски претставници, се подготвува и средба Путин – Шји – Трамп

Кремљ денеска ја отфрли можноста европски претставници да учествуваат во мировните преговори за конфликтот во Украина што оваа недела ќе се одржат во Абу Даби најавувајќи дека разговорите ќе се водат исклучиво во трилатерален формат меѓу делегациите на Русија, Украина и САД.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за време на редовниот брифинг нагласи дека Украина и САД имаат сопствени канали за комуникација со европските партнери, со што ги демантира вчерашните изјави на францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро. Тој претходно соопшти дека француски претставници ќе присуствуваат на средбата закажана за 10 и 11 ноември, на која треба да се разговара за прекин на војната, повоените безбедносни договори и деескалацијата.

Воедно, Песков соопшти дека Москва, Пекинг и Вашингтон во моментот разменуваат мислења и предлози за дневниот ред на евентуалната средба на врвот во рамките на Азиско-пацифичката економска соработка (АТЕС). На овој самит се очекува да учествуваат претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, претседателот на Кина, Шји Џјинпинг, и претседателот на САД, Доналд Трамп.

Коментирајќи ја најавата на Трамп дека на средбата ќе го отвори прашањето за денуклеаризација, Песков посочи дека темите би можеле да бидат разни. Тој додаде дека средбата во секој случај ќе биде исклучително интересна и ќе го привлече вниманието на целата светска јавност. 

Ad
Ad