Свет
Мерц ја поддржа Илзе Ајгнер за претседател на државата
Германскиот канцелар Фридрих Мерц официјално ја поддржа Илзе Ајгнер, претседателка на баварскиот покраински парламент, како наследничка на Франк-Валтер Штајнмајер на функцијата претседател на државата, јави ДПА повикувајќи се на извори. Доколку биде избрана на таа функција, Ајгнер ќе стане првата жена претседател на Германија.
Мерц го предложил нејзиното име на состанок со лидерите на конзервативните партии, изјавија денеска за ДПА извори од раководството. Според истите извори, објавата била проследена со долг аплауз. Како што дознава ДПА, нејзината кандидатура ја поддржуваат и коалициските партнери на Мерц од редовите на Социјалдемократите.
Претседателот на Германија се избира од страна на Федерална конвенција – тело свикано исклучиво за избор на шеф на државата. Тоа тело на 30 јануари ќе одлучува за наследникот на Штајнмајер, чиј втор петгодишен мандат завршува во март следната година.
Истакнати политички личности, меѓу кои и долгогодишната поранешна канцеларка Ангела Меркел, во изминатите месеци изразија поддршка за тоа, по првпат, жена да ја преземе претседателската функција. Во германскиот политички систем, претседателската функција е главно церемонијална.
За време на дебатите на таа тема, Мерц долго време молчеше, но во понеделникот минатата недела објави дека претседателската функција треба да ја држи жена за првпат во германската историја. Сепак, во изминатите денови, се повеќе регионални лидери на ЦДУ ја изразија својата поддршка за Ајгнер.
Илзе Ајгнер имала голем број функции на покраинско и федерално ниво, вклучувајќи ја и функцијата министер за земјоделство од 2008 до 2013 година под водство на Меркел.
ноември 10, 2026


