Свет
Претрес во домот на поранешниот претседател на Парагвај во рамки на истрагата за пропаѓањето на банката „Уено“
Судските власти извршиле претрес во домот на поранешниот претседател на Парагвај, Сантијаго Пења, во рамки на истрагата за пропаѓањето на „Уено банка“, што доведе до неговото отстранување од функцијата.
Банкарскиот скандал што брзо прерасна во политичка криза, започна минатиот вторник, откако Централната банка на Парагвај ја стави „Уено банка“ под административна управа поради несолвентност. Притоа беа замрзнати депозити на речиси три милиони граѓани, што претставува половина од населението во земјата.
Претресот во домот на Пења бил извршен поради сомневања за „злоупотреба на довербата“ и „пренасочување средства за лична корист“, соопшти Обвинителството.
Според делови од обвинителниот акт до кои дошле медиумите, Пења кој до минатата година поседувал акции во холдингот што беше сопственик на пропаднатата банка, е обвинет дека придонел за „значително зголемување и концентрација на голем број јавни и пензиски фондови во „Уено банка“, во вредност од над 800 милиони долари.
Од обвинителниот акт произлегува и дека во мај 2024 година Пења добил два заема во вкупен износ од речиси 500 илјади долари за финансирање на изградбата на куќата во близина на Асунсион каде беше извршен претресот.
Пења беше приведен во саботата.
ноември 10, 2026


