Connect with us

Вести

Даниловски за хантавирусот: Треба да правиме разлика меѓу реален јавно-здравствен ризик и алгоритамски произведен страв

Епидемиологот д-р Драган Даниловски во врска со појавата на хантавирусот вели дека јавноста не прави разлика меѓу науката и стравот од хантавирусот создаден на интернет и оти е крајно време да научиме да правиме разлика меѓу реален јавно-здравствен ризик и интернет-фантазија што живее од колективниот страв. На  јавноста ѝ се потребни точни информации, трезвеност и превенција, а не паника, порачува д-р Даниловски.

-Хантавирусот деновиве стана новата суровина за глобалната индустрија на страв. Доволен беше еден изолиран настан на крузер во јужниот Атлантик за интернет-просторот повторно да експлодира со апокалиптични сценарија, „предвидувања“, мистериозни објави од минатото, сомнежи за глобални агенди и рециклирани теории за контрола на човештвото. Речиси по автоматизам, повторно почнаа да циркулираат истите зборови: пандемија, контрола, депопулација, mRNA, „1984“…, пишува Даниловски во објавата на Фејсбук.

Според него, како да постои готов шаблон што се активира секогаш кога во медиумите ќе се појави името на некој вирус и оти јавноста постепено престанува да прави разлика меѓу епидемиологија и алгоритамски произведен страв.

Даниловски оценува дека особено загрижува фактот што во таквата атмосфера понекогаш активно учествуваат и здравствени професионалци, чиј што јавно изговорен збор носи огромна тежина, зашто, покрај името им стои титула доктор. Додава и дека по ковид-пандемијата, општеството остана психолошки преосетливо на теми поврзани со инфективни болести.

-Доволни се неколку драматични формулации, неколку недоискажани инсинуации и една фотографија со лабораториски амбиент, за кај дел од населението повторно да се активира чувството дека „нешто се подготвува“. Во таков контекст, јавната комуникација на медицинската фела повеќе не е приватна работа – лаф-муабет во кафуле. Социјалните мрежи (веќе) се масовен медиум. А алгоритмите наградуваат страв. Хантавирусите, пак, не се нов феномен што вчера се појавил во лабораторија. Тие се одамна познати во медицината. Претставуваат група вируси поврзани со глодари, кои се нивен природен резервоар. Луѓето најчесто се инфицираат преку контакт со аеросоли и честички прашина контаминирани со измет, урина или плунка од заразени глодари, пишува Даниловски.

Наведува дека дел од нив се присутни на европскиот континент, Азија и Африка (подгрупа на Хантавируси на Стариот свет – Old World Hantaviruses), а ендемско подрачје е Балканот.

-Друг дел од нив (подгрупа на Хантавируси на Новиот свет – New World Hantaviruses) „владее“ со обете Америки. Ендемско подрачје се Аргентина и Чиле.
Иако двете подгрупи се сродни, тие се разликуваат по тоа што предизвикуваат различни видови болести кај хуманите домаќини. Вирусите во подгрупата на Новиот свет предизвикуваат болест позната како „хантавирусен пулмонален синдром“ со десетици заболени секоја година и смртност од 20-40%. Вирусите во подгрупата на Стариот свет предизвикуваат болест позната како „хеморагична треска со бубрежен синдром“, со стотици заболени секоја година и со смртност од 1-15%, стои во објавата на Даниловски.

Епидемиологот додава дека Балканот има сопствено искуство со хеморагичната треска со бубрежен синдром.

-Во подгрупата на Новиот свет постои типот Andes вирус, (причинител на епидемијата на крузерот „Хондиус“). Само кај овој тип е опишан и пренос од човек на човек! Многу важно! Тој вирус не циркулира кај нас. Ниту постои ризик да „скокне“ од некој од заразените на крузерот. Поради тоа, во моментот не постојат индикации за сценарио што би наликувало на ковид-пандемијата. Истовремено, постојат реални причини за внимателност, наведува тој.

Даниловски оценува дека темата за хантавирусите отвора едно многу приземно и локално прашање: каква е состојбата со урбаната хигиена, дератизацијата и контролата на глодарите во македонските градови, како и дека во изминатиот период, Скопје и други средини се соочуваа со сериозни проблеми со отпадот – контејнери преполни со денови, купишта смет покрај улици, расфрлан органски отпад и диви депонии.

-Таквите услови неизбежно создаваат средина погодна за експанзија на популацијата на стаорци и глувци кои претставуваат потенцијален резервоар за повеќе инфективни заболувања, вклучително и хантавирусните инфекции. Токму затоа, прагот на летото е момент кога институциите треба сериозно да пристапат кон – дератизација; дезинфекција; санитарен надзор; урбана хигиена; контрола на дивите депонии. Поради елементарна епидемиолошка логика, подвлекува д-р Даниловски.

Воедно, тој апелира дека е крајно време да научиме да правиме разлика меѓу реален јавно-здравствен ризик и интернет-фантазија што живее од колективниот страв и оти на јавноста денес ѝ се потребни точни информации, трезвеност и превенција – не ни треба нова паника. 

Маркетинг
Ad 4
Ad 2