Connect with us

Останати спортови

Цепак нова македонска репрезентативка во борење

Младата и талентирана борачка Изабела Цепак официјално стана дел од македонското спортско семејство и ќе ги брани боите на македонската репрезентација во борење на претстојните меѓународни натпреварувања.

Како што денеска соопшти Македонскиот олимписки комитет, Цепак доаѓа со одлично искуство и забележителни резултати од САД, каде што настапувајќи за средното училиште „Саут Лајон Ист“ во Мичиген забележа импресивна сезона со 33 победи – од кои 29 со туш.

Нејзиниот квалитет е потврден и со бројните државни и регионални признанија кои ги освои минатата година, вклучувајќи прво место на државното првенство во Мичиген и второ место на национален турнир.

Во своето прво официјално интервју, Цепак ги истакна своите високи амбиции и посветеноста кон остварување врвни резултати, потенцирајќи дека нејзиниот фокус е ставен на интензивните технички и кондициски тренинзи, како и на менталната подготовка, дисциплината и превенцијата од повреди со цел остварување на јасните краткорочни и долгорочни цели.

„Со нетрпение очекувам нови предизвици и медали под македонското знаме. Ќе дадам сè од себе за да ја претставам Македонија со гордост“, изјави Цепак, изразувајќи голема благодарност до тренерскиот тим и навивачите за поддршката.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3