Општини
Здружението на пензионери – Кочани одбележа 54 години од основањето
Со концерт на пензионерски фолклорни состави, пејачки и играорни групи од Македонија и Србија, Здружението на пензионери – Кочани денеска ја одбележа 54-годишнината од основањето.
Пред присутните гости, во полната сала на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, за улогата и општествениот придонес на пензионерите говореше претседателката на Здружението на пензионери – Кочани, Јелица Зафирова, која истакна дека деветте илјади пензионери од Кочанско се исто толку животни приказни, луѓе што го граделе овој крај. Зафирова додаде дека остануваат настојувањата на Здружението на пензионери за подобар стандард, посеопфатна здравствена и социјална заштита и организирано рекреативно и бањско лекување, со главниот приоритет за пензионерите – изградбата на Старечкиот дом.
Во име на градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов, пензионерите ги поздрави Голубинка Георгиева, помошник-раководителка на Секторот за правни, општи работи и јавни дејности.
– Овој ден е можност да им оддадеме почит на генерациите кои со својот труд, знаење, посветеност и животно искуство оставиле траен белег во развојот на нашата заедница. Пензионерите не се само бројна категорија граѓани, туку значаен општествен потенцијал, чувари на вредностите, традицијата и колективната меморија на Кочани – истакна Георгиева.
Присутните ги поздрави и претседателот на Советот на Општина Кочани, Александар Андов, кој истакна дека благодарение на придонесот и искуството на пензионерите денес може да растат здрави генерации.
Средбата по повод денот на пензионерите на Кочани беше убава можност гостите од Кавадарци, Кисела Вода, Виница, Центар, Гази Баба, како и од соседна Србија – од Врање и Лесковац, да се прошетаат низ Кочани, да се дружат и да разменуваат искуства.
ноември 15, 2026


