Connect with us

Хроника

СВР Охрид предупредува на зачестени интернет-измами и лажни пораки за сообраќајни прекршоци

Секторот за внатрешни работи Охрид предупредува дека во изминатиот период повторно се зголемил бројот пријави од граѓани за различни видови интернет и компјутерски измами, меѓу кои и лажни пораки за сообраќајни прекршоци регистрирани од системот „Безбеден град“.

Според пријавите, граѓаните добивале СМС и други електронски пораки од странски телефонски броеви, со линкови до лажно изработени веб-страници, како и пораки преку телефонски и интернет-апликации и социјални мрежи. Преку нив, измамниците ги наведувале да вложуваат пари во наводни инвестиции и да тргуваат со финансиски инструменти, барајќи од нив да внесат лични и банкарски податоци, со ветувања за голема заработувачка и материјална корист.

Во друг вид измами, граѓаните добивале пораки дека сториле сообраќаен прекршок, со линк преку кој треба да уплатат одредена сума пари.

Од СВР Охрид апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни при добивање такви пораки, да не ги отвораат испратените линкови, да не внесуваат лични или банкарски податоци и да не вршат уплати,а секој таков случај да го пријават во најблиската полициска станица.

Од СВР потсетуваат дека официјалните СМС-известувања за сообраќајни прекршоци регистрирани од системот „Безбеден град“ се испраќаат од испраќачот „MVR SC“ и содржат целосни податоци и фотографии за возилото со кое е сторен прекршокот, како и линк до официјалната веб-страница. 

Ad
Ad