Connect with us

Општини

Марш во чест на 150 години од Разловечкото востание

Во организација на Планинарски спортски клуб „Голак“ Делчево денеска се одржува планинарски марш долг околу 18 километри, посветен на големиот јубилеј од Разловечкото востание. Со силни пораки за зачувување на историската меморија, љубовта кон природата и почитта кон македонските револуционери, денеска започна планинарскиот марш во чест на 150-годишнината од Разловечкото востание. Маршот, кој се организира од ПСК „Голак“ Делчево, обедини планинари, рекреативци и љубители на природата од повеќе градови и држави, а учесниците ќе поминат патека долга околу 18 километри.

Пред почетокот на маршот, учесници за МИА истакнаа дека овој настан има многу подлабоко значење од обично планинарење, бидејќи претставува оддавање почит на едно од најзначајните поглавја од македонската револуционерна историја.

Гоце Дончовски, кој потекнува од село Разловци рече дека за него овој настан има посебна емотивна тежина.

-За нас овој марш има посебно значење и симболика, бидејќи е организиран во чест на 150-годишнината од Разловечкото востание, кое претставува еден од темелите на македонската борба за слобода и достоинствен живот. Треба да го негуваме споменот на тоа востание и да го пренесуваме на идните генерации“, истакна Дончовски.

Тој додаде дека учесниците денес не се собрани само заради рекреација, туку и за да оддадат почит на културното и историското наследство.

-Не сме тука само да планинариме, туку да се дружиме, да се поврземе со природата и да го одбележиме овој голем јубилеј. За мене лично овој марш има уште поголемо емотивно значење, бидејќи потекнувам од Разловци и чувствувам искрена гордост што сум од ова историско место – рече Дончовски.

Тој упати благодарност до Љупчо Чучуковски, кој е главен организатор и иницијатор на настанот, како и до раководството на ПСК „Голак“ Делчево и останатите планинарски друштва вклучени во организацијата.

Пред стартот на маршот свое обраќање имаше и Никола Ќурчиски, кој исто така потекнува од село Разловци. Тој нагласи дека преку ваквите настани се подигнува свеста за значењето на Разловечкото востание во македонската историја.

-Не се приклучуваме само од рекреативни побуди, туку сакаме да ја покренеме свеста за Разловечкото востание, кое е првото организирано востание на македонскиот народ против османлиското ропство – рече Ќурчиски.

Тој потсети дека востанието се случило во период кога низ Европа се раѓале модерните национални идеи и нагласи дека уште тогаш во Пијанец и Малешевијата постоела силна организирана борба и национална свест.

-Во Разловци, Пијанец и Малешевијата имало луѓе кои организирано се бореле за слобода. Особено значајно е што на знамето на Разловечкото востание уште тогаш стоело името Македонија – истакна Ќурчиски.

На маршот учествуваше и младиот планинар Давид Златковски, кој веќе пет години активно се занимава со планинарење и спортски активности.

-Оваа патека е околу 18 километри, а со планинарење се занимавам околу 5 години. Од 7 до 16 години активно тренирам. Го имам искачено највисокиот врв во Бугарија — Мусала во 2019 година – изјави Златковски.

На прашањето дали се подготвува за нови предизвици, Давид откри дека има амбициозни планови за иднината.

-Да, сега ако има можност, можеби во следните три години да ги посетам сите балкански врвови“, додаде тој.

Посебен белег на маршот дадоа и странските учесници, меѓу кои имаше планинарки од Финска и Германија, кои заедно со останатите учесници беа дел од денешното пешачење низ Малешевските предели.

Учесничката од Германија истакна дека иако поретко оди на планинарење, многу сака природа и планини.

-Да, одам по планини малку поретко, но сакам планинарење и среќна сум што сум тука и што ги гледам планините – изјави таа пред почетокот на маршот.

На маршот учествуваше и нашинец од Скопје, кој долги години живее и работи во Франција, а денеска заедно со сопругата беше дел од маршот. Тој истакна дека токму љубовта кон природата и желбата подобро да ја запознае историјата на Разловечкото востание биле причината да дојде во Делчево.

-Добар ден на сите планинари и љубители на природата. Доаѓам од Скопје, а живеам во Франција. Тука сум благодарение на Љупчо Чучуковски, човек кој е голем ентузијаст, ја сака природата и ја познава историјата на овој крај, особено на Разловци – рече тој.

Тој додаде дека Разловечкото востание е важен дел од македонската историја кој не смее да биде заборавен.

-Тоа е прво македонско востание кое треба да се спомнува и да не се заборава. Овој народ направил нешто значајно во историјата и затоа сум дојден овде, за да дознаам уште повеќе – истакна учесникот.

Маршот продолжи во одлична атмосфера, со дружење, спортски дух и силна порака дека историјата не треба да остане само минато, туку да биде жива инспирација за идните генерации.

Маркетинг
Ad 3
Ad 4