Култура
Наградата „Ацо Караманов 2026“ за поетите Владо Јаневски и Предраг Бјелошевиќ
Книжевните награди „Караманов 2026“ и „Ацо Караманов 2026“ ги добија поетите Владо Јаневски од Македонија и Предраг Бјелошевиќ од Босна и Херцеговина.
Наградите ги соопштија од Центарот за култура „Ацо Караманов“ од Радовиш, од конкурсите за книжевните награди „Караманов 2026“ и „Ацо Караманов 2026“, распишани во рамките на 53. издание на манифестацијата.
За конкурсот за најдобар необјавен поетски ракопис на македонски јазик одлучуваше жири-комисија во состав: Борче Панов, претседател и професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска и Славчо Атанасов, членови. Изборот за меѓународната книжевна награда го извршија селекторите Борче Панов и професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска, а жири-комисијата едногласно одлучи наградата „Караманов 2026“ за најдобар необјавен поетски ракопис на македонски јазик да му ја додели на Владо Јаневски за ракописот „Сизифовска пролет“.
Од пријавените 26 ракописи, во потесен избор за наградата влегоа: Владо Јаневски со „Сизифовска пролет“, Јулијана Младеновска-Тешија со „Чекркот, чудото и ноќните четвртинки“, Белинда Сипкоска Гаштарова со „Домот ми е полн со небо“ и Маја Мојсова со „Часовник без стрелки“.
-Поетската книга „Сизифовска пролет“ од Владо Јаневски претставува зрело и длабоко промислено поетско остварување, кое преку автентичен лирски израз, луциден поетски код и инвентивна употреба на неологизми создава препознатлив и значенски богат поетски свет. Таа е силно поетско сведоштво за личната и колективната судбина, за балканската историска повторливост, загубата и потребата на човекот да ѝ даде смисла на сопствената егзистенција, се наведува во образложението на жирито.
Владо Јаневски е македонски писател, поет, сликар и стрип-автор, роден во Прострање, а детството го поминал во Битола. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на повеќе романи, збирки раскази и поезија, меѓу кои „На грбот на неповратот“, како и на книги и стрипови за деца. Неговиот поетски ракопис „Молкозбор“ е награден со „Антев златник“. Добитник е и на книжевните награди „Пегаз“ и „Стојан Христов“, како и на повеќе награди за раскази, бајки, сценарио и ликовно творештво. Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји.
Селекторите Борче Панов и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска одлучија меѓународната книжевна награда „Ацо Караманов 2026“ да му ја доделат на Предраг Бјелошевиќ од Босна и Херцеговина за поетскиот избор „Јаве, привид, меѓувреме“.
Од доставените 17 поетски избори, во потесен избор влегоа: Предраг Бјелошевиќ од Босна и Херцеговина, Цемин Итион Цаи (Tzemin Ition Tsai) од Тајван и Алваро Мата Гиље (Álvaro Mata Guillé) од Костарика. Селекторите му дадоа предност на изборот поезија од Предраг Бјелошевиќ од Босна и Херцеговина (Република Српска).
-Поезијата на поетот Предраг Бјелошевиќ е како барокно шишенце во кое е стиснат мирисот на цела една поетска вселена од јаве, привид и меѓувреме. И токму во тоа меѓувреме поетот Бјелошевиќ ја извишил поетската трамболина за да ја вивне својата песна, но и да го надвиши човекот, да излезе од својата форма и да биде тој еден згуснат мирис на метафизичкото во нас, кое нè допира со сите наши неостварени соништа, но и со нашето сурово јаве и сите наши привиди од кои сме или уплашени или полни со надеж дека сепак сè може да биде подобро, стои во образложението на жирито.
Предраг Бјелошевиќ (Бања Лука, Република Српска, Босна и Херцеговина, 1953) е поет, раскажувач, драмски автор и преведувач. Магистрирал театарска режија во Софија во 1999 година. Автор е на поетски книги за возрасни и деца, книги раскази, бројни драмски текстови и дела од областа на театарската уметност.
Неговата поезија е преведувана и објавувана на повеќе светски јазици, меѓу кои италијански, француски, македонски, англиски, унгарски и словачки, а застапена е во бројни домашни и меѓународни антологии.
октомври 25, 2026


