Култура
РУТА во Драмски театар од 26 до 31 октомври, програмата проширена со монодрами и мастеркласови
Драмски театар Скопје од 26 до 31 октомври петти пат ќе биде домаќин на фестивалот РУТА (Регионална унија на театри) на кој годинава ќе бидат изведени 10 претстави. Четири од нив се монодрами, во рамки на сегментот моноРУТА и ќе се играат на Академската сцена при Факултетот за драмски уметности (ФДУ) од 17 часот. Годинава на РУТА гостуваат театри од Белград, Загреб, Љубљана, Сараево и Тиват.
РУТА почнува в понеделник со гостувањето на Београдско драмско позориште (БДП) и претставата „Црно злато“ на Дејан Дуковски во режија на Оливер Фрљиќ, која, поради интерес од публиката во истиот термин (20 часот) надвор од фестивалската програма ќе се игра и ден пред отворањето на РУТА, на 25 октомври.
Првата монодрама ќе биде изведена на сцената при ФДУ в понеделник со гостување на БДП со монодрамата „Милунка“ и актерката Весна Станковиќ од Југословенско драмско позориште, во режија на Петар Станојловиќ.
Театарот „Улисис“ од Загреб во вторник (27 октомври) ќе гостува со две претстави – од 17 часот на Академската сцена при ФДУ ќе биде изведена монодрамата „Земја на волците“ – авторски текст на Тонка Мршиќ – актерка и Гала Николиќ – режисерка на претставата.
Вечерта од 20 часот на сцената на Драмски театар, театарот „Улисис“ во соработка со Сарајевски ратни театар-SARTR и Релстејџ (Realstage), ни ја носи драмата „На чија страна“ од британскиот драмски писател и сценарист Роналд Харвуд, во режија на Ленка Удовички.
Местно гледалишче љубљанско на 28 октомври од 20 часот на сцената на Драмски ќе гостува со претставата „Змејот“ на нашата режисерка Нела Витошевиќ, која заедно со Нина Куцлар-Стиковиќ ја направи и адаптацијата на текстот од советскиот писател и драматичар Евгениј Шварц.
На сцената на Драмски театар на 29 октомври од 20 часот „Камерен театар 55“ од Сараево ќе ја изведе „Умри машки“ – комедија според текстот „Не беше петта, беше деветта“ на Алдо Николај, во режија на Адмир Гламочак, која е диспломска претстава и на матичната сцена се игра 30 години.
На претпоследниот ден од РУТА, 30 октомври, од 20 часот на сцената на ДТС, Центарот за култура од Тиват ќе гостува со претставата „Contra mundum“ по концепт и режија на Вељко Миќуновиќ , со настап на Озрен Грабариќ, а црногорскиот театар претходно, од 17 часот, на Академската сцена при ФДУ ќе ја изведе и монодрамата „Вирџина“, според текстот на Душан Јанковиќ, во изведба на актерката Марта Ќераниќ.
РУТА ќе заврши на 31 октомври со две претстави на домаќинот – Драмски театар-Скопје: од 17 часот на ФДУ актерката Трајанка Илиева-Вељиќ ќе ја одигра монодрамата „Џеки“ од Елфриде Јелинек во режија на Жива Бизовичар, а од 20 часот на сцената на ДТС ќе биде изведена „Љубовта на Федра“ на Сара Кејн, во режија на Дино Мустафиќ.
На прес-конференција на која ја соопшти програмата на РУТА, директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски, рече дека таа покрај со монодрамите се проширува и со нов сегмент – три мастеркласови на 27, 28 и 29 октомври – предавања на еминентните стручњаци во областа на театарот – Душко Љуштина, Срѓан Обреновиќ и Озрен Грабариќ. Како и во минатите изданија, по претставите во вечерните термини ќе се одржуваат тркалезни маси со Ана Стојаноска на малата сцена на Драмски.
-Очекуваме дека годинашното, според програмата, ќе биде најдоброто издание на РУТА во изминтите седум години откога постои. Тоа е и нашата цел – да бидеме постојано актуелни и на нашата публика да ѝ понудиме избор од претстави коишто оставаат сериозна трага во театарското живеење на балканските простори, рече Вељановски.
РУТА постои седум години, а Драмски е домаќин пет години, во две години за време на короната РУТА не се одржуваше во Скопје.
Вељановски очекува финансиската конструкција за организирањето на РУТА во ДТС да биде околу 2,5 милиони денари. Министерството за култура и туризам го поддржува фестивалот со 1,5 милион денари, а другите средства ги обезбедува Драмски театар, кој, рече директорот, е во стабилна финансиска состојба за да учествува во покривање на трошоците за организација и престој на учесниците на РУТА.
Со РУТА во Скопје се заокружува седмиот циклус изданија на регионалнсиот фестивал и во декември на РУТА во Белград ќе почне осмата година од функционирањето на Унијата.
-Јас сум навистина задоволен од она што се случува на РУТА, фестивал, кој не е само гола презентација на театарски претстави, туку станува веќе и нешто што е многу посериозно, нешто што гледајќи од перспективата на Драмски театар, нам ни даде увид во тоа до каде сме ние во уметноста што ја создаваме, до каде сме и на други полиња – фианансиски, технички, технолошки. И се покажува дека безмалку неприкосновено сме најдобри во актерскиот потенцијал што го поседуваме, додека во сите останати сегменти малку куцкаме зад нашите партнери од РУТА, додаде Вељановски.
октомври 23, 2026


