Connect with us

Сцена

Братот на Мараја Кери ја изгуби тужбата за 20 милиони долари во врска со нејзините мемоари

Судот во Њујорк ја отфрли тужбата за клевета против Мараја Кери, поднесена од страна на нејзиниот брат, Морган Кери. Тој, имено, бараше отштета од 20 милиони долари поради тврдењата што пејачката ги изнесе за него во својата книга од 2020 година, под наслов „Значењето на Мараја Кери (The Meaning of Mariah Carey)“.

Американскиот Суд пресуди дека Морган не успеал да докаже оти пејачката постапила „со вистински зла намера“, што би значело дека таа ги изнела тврдењата знаејќи дека се лажни или со безобѕирно занемарување на прашањето дали се вистинити.

Морган ја поднесе тужбата во 2021 година. Тој тврдеше дека неговата сестра во книгата, наводно – лажно, го прикажала како физички насилен човек, кој се занимавал со продажба на дрога и имал проблеми со однесувањето во младоста. Тој, исто така, го оспори описот на еден судир со нивниот татко – инцидент за чие смирување, според книгата, биле потребни 12 полицајци. Натаму, го отфрли и нејзиното тврдење дека се обидел да изнуди пари од неа откако станала славна.

Нејзиниот адвокат, Џон Розенберг, за списанието „Пипл (People)” изјави дека пејачката е задоволна што Судот препознал дека нејзините мемоари обработуваат значајни прашања од јавен интерес.

Адвокатот на Морган, Ричард Алтман, за „Ролинг стоун (Rolling Stone)“ изјави дека тој и неговиот клиент не се согласуваат со пресудата. Според него, одлуката е во целосна спротивност со претходните одлуки во овој случај и тие имаат намера наскоро да поднесат жалба.

Ad
Ad