Култура
Во Драмски театар Скопје почнаа пробите за претставата „Три сестри во Москва“
Во Драмски театар Скопје денеска се одржа првата проба на претставата „Три сестри во Москва“ на филмскиот и театарски режисер Јани Бојаџи, според драмскиот текст на Владимир Талески – автор, актер, режисер и теоретичар на театарот. Премиерата на претставата е планирана за 17 декември 2026.
Како што информира ДТС, успешен процес во подготовката на претставата на режисерот, авторот, актерскиот и уметничкиот тим им посака директорот на Драмски, Роберт Вељановски, кој изрази задоволство што праизведбата на „Три сестри во Москва“ се работи по текст на домашен автор, со што се потенцира значењето на националната драматургија.
-Кога го слушнав насловот, првата помисла ми беше дали во светски рамки, во времето што го живееме, има публика за Чехов, но кога го прочитав текстот на Талески, видов сериозно добар драмски текст, кој ќе остави трага во националното театарско творештво, истакна Вељановски.
Авторот на текстот, Владимир Талески, изјави дека со многу возбуда влегува во овој процес. Текстот го работел неколку години и го понудил и бил избран во годишната програма на Драмски, кон кој е емотивно приврзан затоа што во овој театар пред многу години ја играл својата дипломска и првата професионална претстава.
-Очекувам премногу, во Драмски сè е поинаку, ретка е можноста во драматургијата да се потпирате на бесмртните ликови на Чехов, каде што чувствата, желбите, надежта и среќата на човекот се наоѓаат малку подалеку од нас, на друго место, надвор од нашето опкружување, каде што чекате додека соништата се распаѓаат, да создадете ликови што ќе ја земат работата во свои раце, рече Талески и на актерите им порача со нивниот ентузијазам и карактерите што ќе ги изнесат на сцена, да направат длабока и убава претстава.
Режисерот Јани Бојаџи, информира ДТС, рече дека со длабока почит кон Чеховата традиција, но и со смел исчекор напред, се впуштаат во создавањето на „Три сестри во Москва“.
-Мојата режисерска визија е да создадеме претстава која ќе ги допре најинтимните жици на публиката, нудејќи им не само театарски чин туку и вистинско искуство, истакна Бојаџи, додавајќи дека сака да создаде актероцентрична претстава, која ќе се темели на актерот пред сценските атракции.
-Ги замоли актерите низ процесот на работа да имаат слобода во градењето на ликовите да почувствуваат и да направат и личен антипод од ликот што го создаваат од едноставна причина, затоа што карактерите се тие со кои публиката создава идентификација. Заблагодарувајќи се на довербата што ја добил да ја режира праизведбата на текстот „Три сестри во Москва“ во Драмски, Бојаџи рече дека длабоко верува дека авторот Талески напишал одличен текст и овој уметнички и креативен тим ќе создаде претстава која ќе има заначајно место во македонското драмско творештво, соопшти Драмски театар Скопје.
Во актерската екипа се: Марија Кондовска, Јована Спасиќ, Ања Митиќ, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Сашо Тасевски, Огнен Дранговски, Предраг Павловски, Нина Елзесер и Владимир Петровиќ. Сценограф на претставата е Лазе Трипков, костимограф Ирена Боневска-Чаловска и композитор Игор Василев-Новоградска.
октомври 22, 2026


