Connect with us

Култура

Изданијата на Општина Охрид на полиците на Конгресната библиотека во Вашингтон

Дваесет и три книги од творештвото на македонскиот политиколог, новинар, публицист и автор Свето Стаменов, меѓу кои и значајни изданија посветени на свети Климент Охридски и на меѓународната улога на Охрид, во почетокот на септември се најдоа во фондот на Конгресната библиотека во Вашингтон, една од најголемите и најзначајните библиотеки во светот.

Донацијата претставува уште една можност за афирмација на македонската култура, јазик и духовно наследство пред меѓународната јавност. Особено значајно е што меѓу донираните книги се наоѓаат и изданија чиј издавач е Општина Охрид, со што се потврдува придонесот на локалната самоуправа во поддршката на издавачките проекти од значење за македонската култура и за меѓународното претставување на Охрид.

Посебно место меѓу донираните изданија зазема второто изменето и проширено издание на книгата „Свети Климент Охридски и македонскиот културен контекст“ на Свето Стаменов, објавено во 2025 година со финансиска поддршка на Општина Охрид, во рамките на нејзиниот Јавен повик за финансирање предлог-идеи од јавен интерес во областа на културата за 2025 година. Книгата е посветена на личноста и делото на свети Климент Охридски и на неговото исклучително значење за македонската духовна, просветна и културна традиција. Со афирмацијата на свети Климент како една од најзначајните личности во македонското културно наследство, ова издание придонесува за поширокото запознавање со македонската духовна и цивилизациска традиција.

Во донацијата се вклучени и двете книги од двотомниот проект на Свето Стаменов „Охридски разговори“, чии издавач е Општина Охрид. Првата книга, со разговорите од периодот 2003–2007 година, првпат е објавена во 2016 година, а нејзиното второ, изменето издание е објавено во август 2026 година. Втората книга, која ги опфаќа разговорите од периодот 2008–2013 година, за првпат е објавена во август 2026 година. Двете книги се објавени со финансиска поддршка на Општина Охрид во рамките на нејзиниот Јавен повик за финансирање предлог-идеи од јавен интерес во областа на културата за 2026 година.

Двотомниот проект содржи вкупно 97 интервјуа и разговори со претседатели на држави, министри за надворешни работи и одбрана, политичари, дипломати, универзитетски професори, експерти и верски лидери. Разговорите се водени во контекст на меѓународни настани одржани во Охрид, меѓу кои самити, безбедносни форуми и конференции посветени на меѓурелигискиот и меѓуцивилизацискиот дијалог.

„Охридски разговори“ претставува документарно сведоштво за меѓународната улога на Охрид како место на средби, дијалог и размена на идеи во областите на политиката, безбедноста, културата и религијата. Двете книги се посветени на Искра Чоловиќ (1960–2023), доајен на македонското спикерство, новинарка, публицистка и авторка или коавторка на 14 книги, која е иницијаторка на концептот на „Охридски разговори“.

Донацијата во Конгресната библиотека, реализирана во септември во Вашингтон,  беше посветена на споменот на Искра Чоловиќ, животната сопатничка и вечна инспирација на Свето Стаменов, чиј професионален и творечки пат е нераскинливо поврзан и со нејзиниот личен и интелектуален придонес.

Во фондот на Конгресната библиотека од претходно се наоѓа и првото издание на книгата „За македонистиката отворено“, чијашто прва книга, објавена во 2023 година, е дело на Свето Стаменов и проф. д-р Димитар Пандев, а како нејзин издавач се јавува Општина Охрид. Особено значајно е што проф. д-р Димитар Пандев, истакнат македонски лингвист и коавтор на книгата, е добитник на државната награда „11 Октомври“ за 2026 година во областа на науката и образованието.

Во рамките на планираната следна донација за Конгресната библиотека се предвидени и второто издание на првата книга на „За македонистиката отворено“ и  втората книга на „За македонистиката отворено“, објавени во 2024 година, чиј издавач е Општина Охрид. Планираната донација, која се очекува да опфати уште околу триесет книги, ќе овозможи дополнително збогатување на фондот со изданија од македонската публицистика, македонистиката и културната историја.

Меѓу книгите што Конгресната библиотека ги има набавено претходно е и „Религијата и културата – нераскинлива врска меѓу народите“ од Свето Стаменов, Билјана Таневска Спировска и Лазо Билбиловски. Книгата е посветена на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, одржана во Охрид од 6 до 9 мај 2010 година.

Присуството на овие публикации во фондот на Конгресната библиотека во Вашингтон претставува можност македонското творештво, јазичната и културната мисла, како и истражувањата посветени на свети Климент Охридски и на духовното и културното наследство на Охрид, да добијат поширока меѓународна видливост, а за Општина Охрид, ова е уште една афирмација на нејзината поддршка на издавачката дејност и на културните проекти од јавен интерес, чии резултати ги надминуваат локалните рамки и стануваат дел од пошироката меѓународна културна размена.   

Истовремено, присуството на охридските изданија во една од најзначајните светски библиотеки е сведоштво за трајната вредност на македонското културно наследство и за можностите неговите пораки да допрат до читателите и истражувачите ширум светот.

Ad
Ad