Општини
Регионалната депонија кај Мечкуевци – чекор кон европски стандарди за управување со отпадот
Изградбата на регионалната депонија кај светиниколското село Мечкуевци треба да воспостави интегриран систем за управување со отпадот во Источниот и Североисточниот регион, со примена на европските стандарди за заштита на животната средина.
Според планираниот концепт, отпадот од општините ќе се собира селективно и ќе се транспортира до централниот комплекс, каде што ќе се вршат дополнително селектирање и третман. Целта е да се намали загадувањето, да се зголеми рециклирањето и да се обезбеди поефикасно управување со отпадот.
-Предвидено е отпадот од домаќинствата да се собира во две канти – за влажна и сува фракција, односно за рециклабилен и нерециклабилен отпад. Централниот комплекс нема да биде само санитарна депонија, туку ќе вклучува и постројки за механичко-биолошки третман, селекција на материјалите, компостирање и третман на исцедокот – изјави Филип Иванов, експерт за животна средина.
Во двата региони се планира изградба на шест претоварни станици, во Штип, Виница, Берово, Куманово, Ранковце и Македонска Каменица. Регионалниот систем треба да опслужува околу 370.000 жители и да третира повеќе од 112.000 тони отпад годишно.
Според Иванов, планот ги опфаќа сите аспекти на интегрираното управување со отпадот, со цел да се обезбеди систем што ќе ги исполнува европските стандарди за заштита на животната средина и ќе биде економски одржлив.
По завршувањето на потребните постапки, изградбата на комплексот треба да биде реализирана во рок од две и пол години. Проектот е вреден над 48 милиони евра, а најголемиот дел од средствата се очекува да бидат обезбедени преку европските фондови.
Со реализацијата на проектот се очекува да се подобри управувањето со отпадот и да се намали проблемот со дивите депонии во двата региони.
октомври 21, 2026

