Connect with us

Култура

Балетската претстава „Дамата со камелии“ вечер на сцената на НОБ

На сцената на Националната опера и балет вечер од 20 часот ќе биде изведена  балетската претстава „Дамата со камелии“ – емотивна сценска приказна за љубовта, страста и жртвата, раскажана преку моќта на танцот и музиката на Џузепе Верди.

-Инспирирана од познатата приказна за Маргарита и Арман, претставата ја пренесува на балетската сцена љубовната судбина на двајцата главни ликови. Музиката на Верди, препознатлива по својата мелодиска убавина и силен емоционален набој, ја надополнува драматургијата и ја продлабочува приказната за љубовта, личните жртви и општествените ограничувања, соопшти Националната опера и балет. 

Диригент ќе биде Едуард Амбарцумјан од Ерменија, кореограф – Василиј Медведев, еден од истакнатите руски кореографи, кој соработува со водечките балетски театри, меѓу кои „Бољшој“ во Москва и „Марински“ во Санкт Петербург. Сценографијата и костимографијата се на Павол Јураш од Словачка, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.

Во главните улоги на Маргарита и Арман ќе настапат Марија Кичевска-Шокаровска и Франциско Хименес Руиз од Шпанија, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

-Со раскошна сценографија, впечатливи костими, музиката на Верди и кореографијата на Василиј Медведев, „Дамата со камелии“ ја оживува безвременската љубовна приказна преку елеганцијата на балетскиот израз и силата на сценските емоции, наведува НОБ во соопштението.

Ad
Ad