Филм
Де Ниро не можел да работи со Хоакин Феникс
„Оскаровецот“ Роберт де Ниро важи за еден од најпочитуваните глумци во Холивуд, познат по целосно „спојување“ со своите ликови, што неретко ја подобрува изведбата, но може и да создаде напната атмосфера на снимањето.
Токму тоа, според американскиот филмски ветеран, се покажало како предизвик на снимањето на филмот „Џокер“ од 2019 година во режија на Тод Филипс. Проблемите, според самиот режисер, се јавиле на самиот почеток, кога Де Ниро се нашол на сцената со друг „оскаровец“ – Хоакин Феникс кој, исто така, има специфичен актерски пристап, па овие двајца глумци не се согласувале, пред сѐ, околу подготовката за снимањето… Де Ниро, имено, инсистира заедно да го прочитаат сценариото, додека Феникс одбивал, што довело до набој дури и пред снимањето да почне.
– Боб (Де Ниро) ми се јави и ми рече: „Кажи му дека е глумец и дека треба да биде тука. Сакам да го слушнам целиот филм, сите ќе влеземе во таа соба и просто, ќе го прочитаме“, се присети Филипс, според списанието „Фар аут (Far Out)“.
Тој натаму дообјаснува:
– Се најдов во незгодна ситуација затоа што Хоакин вели: „Нема шанси да бидам на читањето“; а Боб настојуваше: „Јас читам пред снимање – така го правиме тоа“. Компромисот што на крајот го постигнаа беше непријатен, а атмосферата беше напната… Никому не му се допадна тоа!, изјави Филипс.
И покрај почетните несогласувања, сепак, на крајот страстите се смириле. Актерите се држеа настрана еден од друг и за време на снимањето, сосредоточувајќи се исклучиво на своите ликови.
– Не мораше да зборуваме за ништо, изјави Де Ниро за „Венити Фејр (Vanity Fair)“, додавајќи: – Само си ја работиш работата. Се поврзуваш со друг лик. Тоа е тоа.
Филипс нагласи дека двете ѕвездени „оскаровски“ величини успеале да ги средат работите, па нивната врска останала професионална и „на дистанца“.
април 30, 2026

