Connect with us

Скопје

Можеме се, но само на поинаков начин, порака од настанот „Другарството е богатство“ на Здружението „Аутизам ААМК“

Лицата со атипичен развој да имаат заедничко секојдневие со лицата со типичен развој, а надлежните институции да ги слушнат проблемите со кои се соочуваат овие лица од нивните семејства, да се обезбедат пристапни рампи, обележена заштита кај пешачките премини, доволно образовни асистенти. Тоа  беа дел од пораките упатени на настанот „Другарството е богатство“ што се одржа денеска во Градскиот парк во Скопје, во организација на Здружението „Аутизам ААМК“, под мотото „Различнoстите сплотуваат“. 

Настанот со цел зголемување на свесноста за лицата со атипичен развој како и за нивно прифаќање, почитување и инклузија во општеството, понуди разновидни активности за дружење – спортски, забавни, едукативни, музички,  како и ликовна работилница и сценски настапи. 

Според Денис Јанкуловски од Здружението „Аутизам ААМК“, има промени кон пристапот со лицата со атипичен развој, но, како што вели, за жал  се уште има отфрлање, покажување со прст, бегање од другата страна на улицата,…

– Меѓутоа, со вакви настани, се надевам дека ќе има многу повеќе вакви настани, дружби, каде ќе се покаже дека лицата со атипичен и лицата со типичен развој едноставно треба да бидат заедно, треба да играат, да пеат заедно, да се смеат, едноставно секојдневието да им биде заедничко. Има уште многу работа, но тука сме за да работиме на тоа, изјави Јанкуловски. 

За да има вистинска интеграција на овие деца тој посочи дека треба да се слушне гласот на нивните семејства. – Тие ги знаат најдобро потребите односно проблемите со кои се соочуваат, тие знаат што треба за и овие деца да бидат видени, чуени и профатени. Не дека нема почитување и прифаќање, но  се уште недостасуваат пристапни рампи, обележена заштита кај пешачки премини, кај некои училишта. Се уште има работа и потребно е државата, институциите да го слушнат гласот на родителите, гласот на тие семејства, односно гласот на овие дечиња затоа што тие ги знаат вистинските потреби и она што им е потребно, рече Јанкуловски.

За проблемите со кои се соочуваат и за своите потреби зборуваа и дел од учесниците на настанот. Дваесетгодишната Дени порача дека сака да ја подигне свеста дека не треба само денес да се говори за инкузија.

– Инклузијата е повеќе од самиот збор, таа е потреба, живеење. Треба да се обрне внимание на пристапните рампи, на пристапот кон ваквите деца од професорите. Јас сум една од ретките благословени ученички во училиште каде што се слуша мојот глас, имам разбирање, почит и љубов без граници од една професорка, меѓутоа, не треба да биде само една професорка или еден човек во општеството. Треба да бидат сите како неа, треба да го следат нашиот пример дека и во училиште може да има инклузија, прифаќање и разбирање на различностите и  пријателство со професорите, изјави таа. 

Порача и дека треба да се внимава на кој начин се зборува во општеството со овие лица, затоа што, потенцира, не постои нешто што не можеме, туку можеме се, но на поинаков начин. Државата треба да има асистенти за основно, средно и високо образование. И јас имам потреба да се запишам на факултет но државата ми нема обезбедено асистент. Апелирам да се обезбеди за да можат и овие деца еден ден да станат тоа што сакаат, бидејќи мојот сон е да станам професорка по македонски јазик, посочи таа.

Маркетинг
Ad 2
Ad 2