Connect with us

Ракомет

Алборг, Барселона и Фуксе се пласираа на ракометниот фајналфор

Ракометарите на Фуксе Берлин, Барселона и Алборг се пласираа на завршниот турнир во Лигата на шампиони, додека последниот патник ќе биде познат вечерва по реваншот меѓу Магдебург и Пик Сегед.

Во најнеизвесниот натпревар во средата вечер, Фуксе го победи Веспрем на пенали и се пласираше на фајнлфорот. Откако унгарскиот тим победи со 35-34 во првиот натпревар, Фуксе одговори со победа од 31-30 во Берлин. Лихтлајн, Фрајхофер, Грондал и Гидсел беа прецизни при изведувањето пенали за германскиот тим, а Елисон, Хешам и Зејнелабедин на спротивната страна.

Домашниот тим беше предводен од брилијантниот Данец Матијас Гидсел со 11 голови, а голманот Дејан Милосављев исто така беше одличен со 12 одбрани.

Барселона на убедлив начин го елиминираше Нант и се пласираше на завршниот турнир со две победи против францускиот тим. По триумфот од 32-30 во првиот натпревар, шпанскиот тим славеше пред своите навивачи со 31-21.

Алборг, исто така, обезбеди место на фајнлфорот со победата од 37-36 над Спортинг, откако првиот натпревар заврши нерешено 31-31.

Последниот патник на завршниот турнир што ќе се одржи во Келн на 13 и 14 јуни, ќе биде познат вечерва кога ќе се сретнат Магдебург и Пик Сегед. Германскиот тим победи на првиот натпревар на гостински терен со 35-28.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2