Connect with us

Вести

Мицкоски го откри споменикот на хероите Македонци од Мала Преспа и регионот и порача дека ни е потребно обединување повеќе од било кога

Премиерот Христијан Мицкоски денеска беше меѓу Македонците од Туминец, Преспа и Мала Преспа, каде го откри споменикот во чест на македонските херои од овој крај, чиј ктитор беше тој. Мицкоски пред големиот број нашинци од сите делови на Мала Преспа и пошироко истакна дека на Македонија денес и е повеќе од сè потребно обединување околу националните интереси и иднината на нашите деца. Манифестацијата беше организирана под мотото „Чест за хероите, завет за иднината“.

-Да се обединиме околу националните интереси. Околу иднината на нашите деца. Околу почитта кон сопствената историја и достоинството на народот. Нашите предци не се делеа кога ја бранеа слободата. Не прашуваа кој од каде е, ниту кој на кого припаѓа. Сите стоеја под едно име – Македонија – рече премиерот.

Порача дека Македонците во Албанија се нераскинлив дел од македонското национално ткиво. 

– Вашата истрајност низ децениите е подвиг достоен за почит. Вие го сочувавте македонското име, јазикот, традицијата и духот и тогаш кога било најтешко. И затоа денеска сакам јасно да порачам: Матицата нема да ве заборави. Македонија стои со својот народ каде и да е, со почит, со грижа и со искрена поддршка – порача Мицкоски, кој беше поздравен со овации.

Едмонд Темелко, претседател на македонското друштво „Преспа“, од организацискиот одбор рече дека со голема чест, достоинство и гордост, го откриваме и осветуваме споменикот, кој претставува симбол на сеќавање, жртва и непокор.

– Ова не е само настан. Ова беше порака. Порака дека не забораваме, дека паметиме кои сме и дека, и покрај сите предизвици опстојуваме исправени. Во време кога многумина само зборуваат, денеска повторно видовме дела. Од поддршката за нашиот идентитет, култура и младите, до конкретните чекори што оставаат трага за идните генерации. За нас, Македонците во Албанија, пораката е јасна дека ние не сме сами, порача Темелко.

Тој беше градоначалник на оваа општина во три мандати, период кога беа вратени автентичните топоними во Општина Пустец, изградена црквата „Свети Архангел и Михаил“ во центарот на Пустец, плоштадот „Гоце Делчев“, реализирани повеќе инфраструктурни зафати. Темелко упати голема благодарност до премиерот Мицкоски, додавајќи дека „уште еднаш покажа дека Македонците во Албанија не се заборавени“.

-Посебна благодарност и до сите кои беа дел од овој достоинствен ден, исполнет со емоции, заедништво и богата културна програма што уште еднаш покажа дека македонскиот дух живее. Од Туминец денес испративме порака што ќе одекнува долго: Македонскиот дух не се крши. Македонскиот народ стои исправено. И Македонија живее во нас – и ќе живее, рече Темелко.

Јордан Јанкула, советник од македонската партија, Македонската алијанса за европска интеграција, во Советот на Општина Пустец, не го криеше огромното задоволство од честа што им ја направи премиерот Мицкоски.

-Денеска на нашата радост и гордоста дека не сме заборавени од нашата матична земја и нема крај. Нашето село Туминец дало значаен придонес во ослободувањето на Македонија од нацизмот и фашизмот. Мојот дедо Совре Јанкула се борел како партизан за слободата на Македонија, додека неговиот зет Јордан го жртвувал својот живот за македонската идеја, минувајќи низ албанските затвори. Со изградбата на овој споменик им оддаваме заслужена почит и се оддолжуваме на овие храбри борци за слободата на Македонија, изјави Јанкула.

За Васил Митре откривањето на споменикот претставува значаен чин на почит кон македонските борци од Туминец и долгогодишно очекуван момент за локалното население.

– Среќен сум што конечно ќе го откриеме споменикот посветен на македонските борци од Туминец. Потекнувам од патриотско семејство. Мојот дедо, комитата Јоаким Митре, бил осуден на 101 година затвор за време на отоманското ропство, додека мојот татко Коста беше учесник во македонските партизански одреди и се бореше за ослободување на Македонија. За време на режимот на Енвер Хоџа, тој помина 25 години во албанските затвори како македонски патриот. Му благодарам на премиерот Христијан Мицкоски што го прифати моето барање при неговата посета на Пустец минатата година и помогна во неговата доизградба – рече Митре.

Настанот беше збогатен со културно уметничка програма со македонски песни и ора. На брегот на Преспанско Езеро распослани се девет населени места, а Туминец е второ по големина во областа.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4