Здравје
Што сѐ влијае на тежината на породувањето?
Породувањето е едно од најинтензивните и најважните искуства во животот на жената, но исто така, е процес којшто варира од личност до личност. Додека некои жени минуваат низ него релативно брзо и без поголеми компликации, други се соочуваат со подолг и потежок тек. Поради оваа непредвидливост, често се поставува прашањето: Што сѐ, всушност, влијае на тежината на породувањето?
Тешкотиите при породувањето се под влијание на неколку фактори и може да се рече дека скоро никогаш нема само еден одлучувачки фактор, пишува порталот „Кликс (Klix)“. Најважните работи се комбинација од физички, медицински и психолошки околности.
Позицијата и големината на бебето: Ако малечкото е во правилна положба, породувањето обично оди полесно. Незгодните положби можат да го отежнат. Поголемо бебе, исто така, може да го продолжи и отежни породувањето.
Карлицата на мајката: Обликот и ширината на карлицата имаат голема улога. Ако се појави несовпаѓање меѓу големината на бебето и карлицата на родилката, породувањето, и тоа како може да биде потешко или да бара дополнителна интервенција.
Синдром на полицистични јајници и хормонски нарушувања: Ова е состојба којашто ги засега 5-10 отсто од жените. Хормонално-неурамнотежените состојби може да влијаат на големината на матката и ширината на нејзиното грло, што може да го направи породувањето подолго и потешко. Бремените жени со оваа состојба често се подготвуваат за породување однапред и добиваат третман од 36-та недела од бременоста.
Јачина и повторливост на контракциите: Делотворните и редовни контракции помагаат грлото на матката да се отвори и бебето да се спушти. Слабите или неправилни контракции можат да го продолжат породувањето.
Прво или второ породување: Вообичаено, првото породување е подолго и потешко, бидејќи телото на жената тогаш првпат се приспособува на процесот. Последователните породувања обично се побрзи.
Психолошка состојба: Страв, стрес и напнатост кај мајката може да го забави породувањето, бидејќи сѐ тоа влијае на хормоните. Смиреноста и чувството на безбедност и сигурност, на пр., напротив – го олеснуваат процесот.
Физичка кондиција и здравје на мајката: Општото здравје и состојбата на трудницата, како што се гестациски дијабетес или висок крвен притисок за време на бременоста, можат да влијаат на текот на породувањето.
Медицински интервенции: И индукцијата, епидуралната анестезија и други интервенции можат да го променат текот на породувањето – понекогаш го олеснуваат, но во некои – го продолжуваат зафатот во одредени негови фази.
април 17, 2026

