Забава
Новооткриен вид коала со големи усни идентификуван во Западна Австралија
Истражувачи од Австралија идентификуваа нов изумрен вид коала „со големи, подвижни усни“, по повторното испитување фосили во Музејот на Западна Австралија во Перт.
Тим предводен од Кени Травујон, кустос и стручњак за цицачи во Музејот, откри дека фосилите за коишто долго се претпоставуваше дека му припаѓаат на современиот вид коала („Фасколарктос кинерус / Phascolarctos cinereus“), всушност му припаѓаат на претходно непознат посебен вид, сега во науката наречен „Фасколарктос сулкомаксилијарис / Phascolarctos sulcomaxilliaris“. Откритието уследи откако научниците повторно испитале фосилен череп од пештерата Мундин во реката Маргарет, околу 300 километри јужно од градот Перт.
– Фосилот покажа одлики што не ги гледаме кај современите коали, што поттикна натамошно истражување, рече Травујон.
Истражувачите анализирале десетици коски од фосилни примероци во колекцијата на музејот, споредувајќи черепи, заби и посткранијални коски со скелети на модерни коали од источниот брег на Австралија. Тие откриле дека постојат јасни разлики меѓу остатоците од западните примероци и оние пронајдени на југоистокот од земјата.
– Длабоките вдлабнатини во јаболчницата содржеле голем мускул на лицето, што укажува дека животното можеби имало необично големи, подвижни усни, веројатно за манипулирање со листови од еукалиптус, или можеби за да ги прошири ноздрите за да го подобри чувството за мирис и да детектира храна од поголеми растојанија. Неговиот скелет веројатно бил помалку агилен од современите коали и можеби минувал помалку време движејќи се меѓу дрвјата, објасни Травујон.
Според наодите, „Фасколарктос сулкомаксилијарис“ исчезнал пред околу 28.000 години. Овој временски период се совпаѓа со голем климатски настан од доцниот плеистоцен, кога шумите од еукалиптус се намалиле за околу пет проценти од нивната сегашна големина.
мај 7, 2026

