Connect with us

Култура

Промовирана книгата „На местото на настанот“ на новинарот Александар Видиновски

Промовирана е првата книга на новинарот Александар Видиновски, „На местото на настанот“.
Што значи да се биде новинар кога историјата се случува пред твоите очи? Во книгата „На местото на настанот“, Александар Видиновски ги носи читателите зад телевизиските прилози и зад директните вклучувања, таму каде што камерата бележи само дел од приказната, а новинарот се соочува со вистинските размери на настаните. Од престрелките во Диво Насеље и драматичната ноќ на воениот удар во Турција до воени зони, несреќи, кризи и предизвици од македонското секојдневие, авторот раскажува за настаните што ги следел од непосредна близина и за луѓето што ги сретнал на терен.
Ова не е само книга за големите вести и за драматичните моменти што ја исполнуваат новинарската хроника. Таа е и лична приказна за адреналинот, ризикот, стравот и професионалната одговорност, но и за созревањето на еден репортер што со години се обидувал да стигне што поблиску до вистината. Преку искуствата од теренот, Видиновски открива што се случува зад објективот, во миговите кога новинарот мора брзо да реагира, да донесува одлуки и да ѝ остане доследен на својата професија.
„На местото на настанот“ е сведоштво од прва рака за времиња и ситуации во кои новинарот не ја следи историјата од дистанца, туку се наоѓа среде неа.
Александар Видиновски (1981) е новинар, уредник, телевизиски водител и општествен активист со речиси две децении искуство на македонската медиумска сцена.

Ad
Ad