Connect with us

Општини

Македонскиот паметен систем ding.mk освои регионална награда на натпреварот „Зелени бизнис идеи од Балканот 2026“

Македонскиот паметен систем ding.mk е меѓу регионалните победници на 15. јубилејно издание на натпреварот „Зелени бизнис идеи од Балканот 2026“ (Balkan Green Ideas), што од 3 до 5 ноември се одржа во Призрен, Косово.

Системот ding.mk им помага на компаниите да ја намалат потрошувачката на енергија, да спречат дефекти на машините и да ги дигитализираат производствените процеси. Тој користи сензори и вештачка интелигенција за постојан мониторинг, рано откривање потенцијални проблеми и автоматизација на процесите.

По повод овој регионален успех, победникот Благојче Количовски изјави дека признанието претставува голема мотивација и потврда дека технологијата и иновациите можат позитивно да влијаат врз животната средина и работењето на бизнисите.

– Искрено сме среќни и горди што нашата идеја ДИНГ е препознаена и наградена на Balkan Green Ideas 2026. Ова признание за нас претставува огромна мотивација и потврда дека технологијата и иновациите можат да имаат позитивно влијание врз животната средина и начинот на кој работат бизнисите, вели Количовски.

Тој посочи дека целта на системот е да им помогне на компаниите да ги намалат непотребните загуби и поефикасно да ги користат постојните ресурси и опрема.

Покрај македонскиот ding.mk, меѓу регионалните победници се и Teshat.com од Косово, платформа за циркуларна мода која овозможува поправка, преработка и повторна употреба на облека, како и Laneno од Босна и Херцеговина, бренд за постелнини кој користи полнење од рециклиран текстил.

На натпреварот учествуваа иновативни претприемачи од шесте земји на Западен Балкан, а најдобрите зелени бизнис-идеи беа наградени со грантови од 5.000 и 10.000 долари.

Катерина Панова Матоска од здружението АРНО изрази задоволство од успехот на македонските претставници и посочи дека регионалниот натпревар повторно го потврдил потенцијалот за развој на иновативни и одржливи бизниси.

– АРНО го следи овој натпревар и за да види што се случува во екосистемот, а преку проектот „Инвестираме во промени“ свесно се насочува кон развој на импакт-претпријатија. Токму затоа, оваа година за прв пат воведовме нов стандард за националните финалисти – задолжителен слајд со јасни, мерливи импакт-индикатори, истакна Панова Матоска.

Македонија на регионалниот натпревар ја претставуваа и Коста Богучевски со идејата „Урбана фарма“, за вертикално одгледување микрозелени, како и Благојче Најдовски со „Медотека Најдовски“ и производот „Premium Protein from Waste“, протеинска лимонада добиена од нуспроизводи од ореви.

Здружението АРНО го администрира натпреварот во Македонија веќе 12 години, а досега преку оваа платформа биле поддржани повеќе македонски зелени бизниси, меѓу кои „Наша добра земја“, „СПИН“, „Храна за сите“, „Био смарт ориз“, „Challenger“, „О-круг“, MobiStove и LoaNaturals.

Ad
Ad