Свет
Протест на движењето „Петоци за иднината“ поради одлуката на Мерц да не присуствува на КОП31 во Турција
Климатските активисти од движењето „Петоци за иднината“ вечерва организираа протест во Берлин откако канцеларот Фридрих Мерц го откажа присуството на овогодишната конференција на Обединети нации за климата во Турција поради „други обврски“.
Активистите проектираа огромни слики од германскиот канцелар врз зградата на парламентот, придружени со слогани како „Самитот за климата без Мерц“ и „Ќе му покажеме на Мерц како изгледа неговата иднина“.
- Одлуката на Мерц да не присуствува на Конференцијата за климата уште еднаш покажува дека воопшто не се грижи за иднината на младите луѓе. Канцеларот се откажува од нас, но ние никогаш нема да се откажеме од нашата иднина, се наведува во соопштението на Движењето.
„Петоци за иднината“ најави повеќе протести на повеќе од 70 локации во Германија на 13 ноември.
Портпаролот на германската влада одби да ги наведе конкретните причини за одлуката на Мерц да не учествува на самитот во Турција. Тој посочи дека „секогаш постојат различни интереси и различни размислувања поврзани со распоредот“.
Овогодишната конференција на ОН за климата, КОП31, почнува на 9 ноември во Анталија, каде што претставници од речиси 200 земји ќе разговараат за мерките за ограничување на глобалното затоплување и обезбедување помош за посиромашните земји.
Се очекува десетици илјади дипломати, новинари и лобисти да присуствуваат на конференцијата.
ноември 6, 2026

