Свет
По обработени 93 проценти од гласовите: „Единствена Русија“ со уверлива победа на изборите за Државната дума
Владејачката партија „Единствена Русија“ води на парламентарните избори во земјата и е на пат да обезбеди уставно мнозинство, покажуваат прелиминарните резултати на Централната изборна комисија.
До изутринава беа обработени 93 проценти од гласачките ливчиња, при што „Единствена Русија“ освоила 57,83 проценти од гласовите, што е зголемување во однос на 49,82 проценти освоени на парламентарните избори во 2021 година. Нејзините кандидати водат и во 208 од вкупно 225 едномандатни изборни единици.
Комунистичката партија освои 13,81 процент од гласовите, ултранационалистичката Либерално-демократската партија на Русија (ЛДПР) 8,93 проценти, а Нови луѓе 7,97 проценти. Партијата Праведна Русија доби 4,96 проценти, што е нешто под изборниот праг од пет проценти потребен за влез во Државната дума, долниот дом на парламентот.
Тридневните избори за 450 пратенички места во Државната дума завршија вчера, со излезност од речиси 57 проценти, што е повеќе од 51,72 проценти во 2021 година, соопшти комисијата. Право на глас на изборите, кои се одржаа на избирачките места и преку електронско гласање на далечина, имаа повеќе од 111 милиони граѓани.
На федералното гласање според партиските листи учествуваа десет партии, меѓу кои петте досегашни парламентарни партии – Единствена Русија, Комунистичката партија, ЛДПР, Праведна Русија и Нови луѓе – како и Родина, Комунистите на Русија, Зелените, Партијата на пензионерите и Партијата за директна демократија. Партијата Јаблоко не беше вклучена во гласањето според федералните партиски листи, но нејзините кандидати се натпреваруваа во едномандатните изборни единици.
Ова беа први парламентарни избори во Русија по 2022 година и се одржаа во услови на продолжување на војната со Украина. Гласањето се одржа и во областите под руска контрола, што Киев го отфрли, а неколку западни влади го осудија.
септември 21, 2026
