Општини
Бадник во Тетово, одбележување со народни обичаи во текот на целиот ден и посна празнична трпеза
На ден Бадник во Тетово со неколку народни обичаи и разни видови активности се одбележува денот во пресрет на Христовото раѓање-Божик.
Од 2017 година овие одбележувања почнуваат со Бадникарска поворка. Голем број деца се собираат во Соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ од каде по добиениот благослов од митрополитот г. Јосиф во 10 часот почнува поворката. Групата деца минува низ градските булевари и улици пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, а на крај на градскиот плоштад се одржува културно-уметничка програма, пред се, со исполнување на празнични песни.
Традиционално, Бадникарски оган во Тетово, прво се пали во манастирот Свети Георгиј Победоносец во селото Мала Речица од 11 часот. Попладнето по вечерната Богослужба од 16 часот во пресрет на Божик во тетовската соборна црква „Свети Кирил и Методиј“, митрополитот тетовско-гостиварски г.Јосиф врши осветување на бадниковите гранчиња, по што традиционално се пали бадникарски оган.
Веднаш потоа се палат и маалските бадникарски огнови покрај кои се подготвува и прослава со посна трпеза. Бадникарските огнови ноќта на Бадник спроти Божик се палат во речиси сите градски маала, а традицијата е прифатена и во тетовските села.
Во тој период од денот почнува и празнувањето на Бадник за децата.
Дарко Гавровски, хроничар на Тетово, кој го бележи живеењето во градот во неколку книги и интернет страницата „Тајните на Тетово“ вели дека најстара е детската забава за Бадниковата Вечер (Б’дњи Вечер) со песната „Б’дња Баба“.
Веднаш по стемнувањето се ставаат однапред изработените (или по најново и купени) маски и најчесто по групи од неколкумина одат од куќа до куќа пеејќи ја песната „Б’дња баба“, очекувајќи од домаќините да ги даруваат.
Се ставаат разни маски, како од детските јунаци од цртаните филмови, но има и такви кои сакаат да се облекуваат како полицајци, војници или слично. Зависно од тоа како ќе се договорат одат по неколкумина во група, а се посетуваат соседите и роднините кои живеат во близина. Кога ќе заѕвонат, децата започнуваат да ја пеат познатата песничка „Б’дња баба“. Домаќинките, се тие кои ја отвораат вратата со кошница каде имаат ставено ореви,костени, јаболки, печена тиква, бонбони или парички за да ги даруваат децата за испеаната песничка.
-Од памтивек во Тетово, и најстарите се сеќаваат дека постоел адетот. Постарите кажуваат дека маските во најстаро време биле со кожув или гуња, стап во рака, околу врат низа од пиперки или кромид. Така маскирани оделе од куќа на куќа и пееле бадникарска песна, раскажува Дарко Гавровски.
Песната Б’дња баба:
Кој што спие нека стане,нека меси колачиња
Ако нема колачиња, нека даде паричиња.
Ако нема паричиња нека даде бонбончиња
Ако нема бонбончиња нека даде оревчиња
Ако нема оревчиња нека даде тиквичиња
Ако нема тиквичиња нека даде све што има
Б’дња баба..(се извикува силно)
И младите од Тетово на Бадник, се маскираат и така облечени во подоцнежните ноќни часови одат по кафулињата, барови и дискотеки каде вообичаено се избира нај-маска на вечерта.
Што се однесува до Бадникарскиот оган во Тетово, Гавровски потсетува дека во другите градови се палат коледарски огнови вечерта на 5-ти, на Коледе, додека во градот под Шара тоа се прави на Бадник, вечерта пред Божик, со дружба со посна трпеза.
-Најстарите тетовчани раскажуваат дека особен настан било да се оди со чеза (коњска кола) на прослава во Манастирот во Речица или во Лешок, каде единствено имало Бадникарски огнови и прослава со собирање околу оган. Во самиот град со традицијата на Бадникарски огнови се започнува почетокот на 1990-тите, а прво маало со свој „оѓин“ (оган) кој ја иницираше оваа традиција е Певчина. Постепено се шири како адет и по други маала, и така од година за година, едно по едно маало, денеска нема маало кај што нема оѓин со кумој, музика, јадење, ора, раскажува Дарко Гавровски.
Тој вели дека на Бадник во Тетово од црква се земаат осветените дабови гранки, а со тие гранки се китат портите на куќите (путна врата).
-Вечерта на Бадник се спрема богата посна трпеза за најтесното семејство со посна сарма, ореви, костени, тиква печена-но никако дел од адетот не е пита со паричка – зошто тоа во Тетово се прави задолжително само на Василица (комат со париче), вели Дарко Гавровски, хроничар на Тетово.
Дел од тетовски семејства на ден Божик ја практикуваат старата градска традиција – мажите да ги посетат сите куќи од пошироката фамилија за честитање на Божик, исто како адетот за Велигден. Жените остануваат дома со подготвена трпеза да ги пречекаат и угостат гостите. За Божик вообичаено се подготвуваат одредени јадења.
-Тогаш веќе се служело и мрсно јадење, а особено не смеела да изостане пачата (пивтија) и греаната ракија, вели Дарко.
Карактеристика за божиќната трпеза е и поставувањето на подварок (зелка од зимница, која се сецка, се вари и се потпечува) со чадено месо. Божиќната трпеза мора да има и благо, најчесто баклава, гурабии, ванилици и слично.
јануари 6, 2026


