Скопје
Бесплатна забава за полуматурантите во Општина Кисела Вода
Петстотини и шеесет деветтоодделенци од сите основни училишта на територијата на општина Кисела Вода, синоќа заеднички ја прославија својата полуматура. Под мотото „Спремни за средно!“, локалната самоуправа приреди голема бесплатна забава, одбележувајќи го крајот на основното образование за оваа генерација, соопштија денеска од Општина Кисела Вода.
За музичкиот дел се погрижиле популарното дуо „2Бона“ и диџеј Марио Трампет, а дополнителен белег на вечерта дале и музичките точки на самите ученици.
– Оваа прослава, што се одржува втора година по ред, е особено значајна бидејќи нејзиниот концепт беше креиран директно од младите, врз основа на нивните желби и замисли – пишува во соопштението на локалната самоуправа.
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска преку пишана изјава истакнува дека целта била прославата да биде осмислена исклучиво преку нивната призма.
– Синоќа сведочевме на прекрасна енергија и вистинска радост. Кога неодамна ги поканив претставниците на учениците за да ги сослушам нивните идеи, знаев дека заеднички ќе создадеме настан за паметење. Нашата цел беше оваа прослава да биде осмислена исклучиво преку нивната призма и токму тоа го остваривме. Овие млади луѓе се доказ дека кога ќе им дадете простор да одлучуваат, тие носат одлични одлуки. Општина Кисела Вода секогаш ќе го вреднува нивниот глас и ќе биде нивна поддршка. Им посакувам многу успех во понатамошната едукација и верувам дека од тука ќе понесат прекрасни спомени пред да зачекорат во средношколските клупи – додава градоначалничката.
јуни 12, 2026

