Останати спортови
Македонските одбојкарки подготвени за стартот во Европската лига
Македонската женска одбојкарска репрезентација, предводена од новиот селектор Милош Гавриловиќ, подготвена и со доза на умерен оптимизам го очекува утрешниот почеток на натпреварите во Европската лига, која од оваа година претставува и прв дел од квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство 2028.
„Позитивно расположени влегуваме во ова издание на Европската лига. Свесни сме за квалитетот на противниците со кои ќе се соочиме не само на овој турнир, туку и на другите два. Истовремено веруваме и во себе. Имаме нов стручен штаб и подмладен тим, но напорно работевме на градење на еден нов систем, има убава хемија и енергија меѓу одбојкарките и сите сме нетрпеливи да докажеме зошто секоја од нас доби шанса да биде во составот.“, изјави искусната репрезентативка, Теа Терзиевска.
Македонските одбојкарки утревечер во Порто со почеток во 18 часот ќе стартуваат во Европската лига против Унгарија, по што в недела од 17:30 часот за противник ќе го имаат домаќинот Португалија.
„Ни недостасуваат дел од поискусните како Стојанова, Баталаковска, но ќе се обидеме ние кои имаме подолг репрезентативен стаж да им дадеме колку што можеме повеќе поддршка на помладите и ќе дадеме сè од себе да изненадиме. Унгарија и Португалија се поквалитетни од нас и искрено мислам дека ќе нè потценат, а и од она што го имаме како информации и што ги анализиравме имаме и простор за изненадување, секако доколку играме паметно и дисциплинирано. Ќе имаме шанса да го гледаме и дуелот меѓу Унгарија и Португалија денеска и тоа ќе ни овозможи да добиеме уште подобра слика за противниците“, додаде Терзиевска.
јуни 6, 2026

