Општини
Во Куманово, запишани над 860 првоодделенци
Заврши учебната година за над 13.000 ученици во Куманово, соопштија на денешната прес-конференција од секторот за образование од општината. Како што информираше раководителот на секторот, Александар Јовановиќ, учебната година заврши за 9.346 ученици и за 3.725 средношколци. Тој ја оцени за успешна годината, укажувајќи дека кумановските ученици освоиле голем број меѓународни и државни признанија, ученик од Куманово ќе замине на светски натпревар по физика.
Во однос на инфраструктурата, Јовановиќ посочи дека е реконструирана спортската сала во „Толи Зорудумис“, и во тек е реконструкција на музичкото училиште „Панче Пешев“.
– Уписот на првоодделенците не е завршен. Во 16-те основни училишта досега се запишале 863 ученици од кои 772 во централно училишна зграда и 91 во подрачно училиште на ниво на општина Куманово. Доколку ја споредиме бројката со изминатата учебна година исто во месец јуни, тогаш беа запишани 860 ученици, што значи дека бројката е скоро идентична- кажа Јовановиќ.
Тој очекува дополнителен упис и на стартот на септември, бидејќи дел од родителите се на сезонска работа. Со оглед на тоа дека Куманово е најголема општина нема некоја осцилации во однос на бројот на запишани ученици, сепак од секторот велат дека и градот го погодува миграцијата од рурални кон урбани средини, но и кон западноевропските земји.
– Што се однесува до уписот во средните училишта ќе имаме детални информација по првото и второто пријавување во јунските рокови, каде што очекуваме да се изјаснат учениците им посакувам да ја изберат онаа струка и профил за која покажуваат интерес- изјави Јоавновиќ.
Тој ги повика учениците да обдреат една од струките во петте средни училишта во градот.
јуни 11, 2026


