Регион
МОЛ: Успешно завршени преговорите со Владата на Србија во врска со трансакцијата за НИС
Унгарската компанија МОЛ денеска соопшти дека успешно ги завршила преговорите со Владата на Србија во врска со склучувањето акционерски договор поврзан со стекнувањето мнозински удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС).
Преговорите со продавачот и надлежните институции се уште се во тек со цел финализирање на предметната трансакција, се наведува во соопштението.
Министерката за енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ синоќа напиша на својот Инстаграм профил дека Србија и МОЛ ги затвориле сите отворени прашања и постигнале компромис кога станува збор за Акционерскиот договор во врска со унгарското купување на мнозинскиот удел во НИС, што е под санкции на САД.
„Што се однесува до работењето на Рафинеријата во Панчево, унгарската страна се обврза да продолжи да работи како што работела досега, со барем ист просечен годишен капацитет како во изминатите четири години пред воведувањето на американските санкции, кога НИС работеше одлично“.
Таа, исто така, наведе дека членовите на српската страна на Управниот одбор на НИС ќе имаат „генерално поголеми овластувања од порано“ во донесувањето или блокирањето на потенцијално неповолни одлуки за Србија.
јуни 12, 2026

