Култура
Трибина на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп: Современиот театар е искрен, соодветствува со времето и последниот збор го има публиката
Искрениот, храбриот театар кој допира до публиката и предизвикува емоции е современ театар, сметаат македонските режисери од поновите генерации, без разлика дали работат на независната или на институционалната сцена.
Во рамките на МТФ „Војдан Чернодрински“ синоќа се одржа втората од двете трибини насловена „Современ ли е современиот македонски театар? Меѓу локалната инерција и глобалните сценски текови“.
Според модераторот, театарски критичар Звонко Димоски, македонскиот театар ретко бил иницијатор на трендови, но често бил чувствителен рецептор. Неговата историја е историја на „креативно доцнење“, но и на интелигентна адаптација.
-По 2000-тата година, особено со отворањето кон меѓународни фондови и фестивали, се појавуваат обиди за современ израз, но тие најчесто се индивидуални, не системски. Немаме континуирана естетска линија што би можела да се нарече движење или школа. Значи, нашата реакција кон Европа била и е постојано присутна – но најчесто реактивна, не проактивна, истакна модераторот Димоски.
Беа отворени прашањата Дали современоста е прашање на форма, на технологија, на естетика, на теми? и, Дали е можеби храброст, или, најважното – незнаење?
Театрологот и професор, Ана Стјаноска, нагласи дека бара одговор од режисерите што е за нив современ театар.
-Пред вас седат млади студенти и мислам дека како режисери имате одговорна позиција. Мене многу ми е битна темата и сакам да слушнам што за вас е современ театар? Многу е важно да се сфати дека овие генерации сега што доаѓаат мислат дека некој нешто треба да им даде. Мене никој ништо ми нема дадено. Моите родители не се во театарот. За сѐ сум се изборила сама. Се согласувам со Ѓорѓи Ризески дека искуството е многу важно. Важно во театарот. За мене современ театар е оној кој соодветствува со времето. Тоа е времето СЕГА. Сите вие, како режисери имате различни естетики, меѓутоа кој е, денес, за вас, современиот театар? Што вие би си рекле, кога гледате претстава, или ја правите претстава? Не мислам на иделани услови , рече Стојаноска.
За режисерот Милош Андоновски, современ театар е оној кој е храбар.
-Современ театар е оној кој е храбар, кој е гласен, обработува и отвора теми и прашања кои се значајни да се дискутираат и да се разговараат денес или теми кои мнозинството ги премолчува. Тука на прво место ја ставам храброста. Храброста на современиот театар кој се бори против мејнстримот, рече Андоновски.
Според режисерот Борис Василевски ставот за современ театар е јасен: колку современоста е нужна денес.
-Има добри и современи претстави за кои немам потреба да појдам во театар за да ја знам нивната порака. Современ театар е нешто што општеството го избегнува како тема на разговор, а и театрите го избегнуваат. Можеби таму треба да ја бараме современоста, нагласи Василевски.
За продуцентката и режисерка Сибел Абдиу сето почнува од текстот и што сакаме да кажеме со таа порака.
-Ако има нешто што публиката ќе може да покаже емпатија со текстот, тогаш се одлучувам тоа да го режирам или да го гледам. Целата работа е пораката од авторот, па потоа сме ние, режисерите кое сето тоа го разработуваме и го ставаме во концепт и го претставуваме во визуелна уметност. Тоа за мене е современ театар, рече Абдиу.
Режисерката Тамара Стојаноска својата дефиниција за современ театар ја поврза со искрен театар.
-Се занимавам со социјално ангажиран театар и сакам да зборувам за теми за кои, можеби, никој не зборува. Кога гледам театар,мене уметноста ми помага и до мене допира кога има ржисерски свет, кога има висринска емоција и искреност. Нем и е пресудна естетиката, туку тоа што се пренесува енергетски.Тоа е современ театар. Да си искрен, да не создаваш мртов театар, туку да имаш за што да го создаваш, рече Стојаноска.
За режисерот Ѓорѓи Ризески за современиот театар кажува публиката.
-Кога кај публиката ќе предизвика емоции, кога ќе им се „наежи кожата“. Публикат знае што е современ театар. Тоа е чувство. Публиката го дава финалниот одговор за современ театар, рече Ризески.
јуни 12, 2026

