Connect with us

Општини

Тиквешани за Бадник кршат лепче со паричка, среќата може да биде и во лозјето

За Господ, за лозјето, за куќата, домаќинот и домаќинката, за децата. Вака тиквешани делат лепче со паричка за Бадник, а среќата многу често може да се падне и во лозјето. Тоа значи надеж за плодна гроздоберска година, добар пласман и солидна цена за грозјето. Всушност, лозарството, грозјето, виното и ракијата, маџунот, се неизоставен дел од долгата традиција на најголемиот лозаровинарски регион во државата. Тие се дел од обичаите и за Бадник.

-Токму така. Ние во нашето семејство наместо лепче, месиме пупчиња и во едно од нив, ставаме паричка. При делбата на пупчињата, секој се надева дека ќе има најмногу среќа. Но, среќник може да биде и лозовиот насад. Традиционално, при делбата, првото пупче оди за Господ, а веќе второто токму за нашето зелено море – лозјето. Дури потоа се дели за свекорот и свекрвата, па за сопругот и за мене и на крај, за нашите три дечиња, кои уште од мали ги учиме да го вреднуваат трудот, да работат во лозјето и да израснат во вредни луѓе. Така ќе биде и овој Бадник. Пред да седнеме на свечената трпеза, децата ќе излезат на прагот и со вино и ракија ќе испратат покана до Бога, да ни се придружи во нашиот адет за чествување на големиот ден, сподели за МИА, Викторија Димова од Кавадарци.

Таа подвлече дека на овој празник, на трпезата задолжително има и грозје.

Главно станува збор за грозје од сортата „белозимско“. Гроздови од оваа сорта, вообичаено, на крајот од секоја гроздоберска сезона во есен се закачуваат или по тиквешки – „се бесат“ по тавани. Таму стојат до зима за тиквешани да има со што да се сладат за време на празниците.

Тиквешани со кои разговаравме на оваа тема споделија со нас и еден друг интересен обичај поврзан со Бадник. Се работи за адет што со години се правел во овој крај, за неродното дрвце – да почне да раѓа плодови.

– Во село Бесвица кога бевме мали, татко ми за време Бадник ќе ја земеше секирата и ќе им се заканеше на дрвцата, ораите. Раѓаш или не раѓаш. Ако не раѓаш, ќе те пресечам. Трипати се изговара заканата. Другата година, ораи колку сакаш. Значи ораите се исплашиле. Ќе раѓаш или да те сечам, ова ќе го слушнете и за други дрвца во овој крај. Некои, по вакви закани родиле и по неколку години неплодност. Ете такво верување се пренесува овде со генерации, ни раскажаа во Демиркаписко.

Прославата на Бадник во Тиквешко редовно започнува со царски часови на Рождество Христово со Вечерна и Света Василева литургија.

Традицијата ја негуваат и веселите коледарчиња кои со торбички и стапчиња итаат од врата на врата, ги посетуваат домовите и со христијанска песна, го најавуваат Христовото раѓање пред Божик, а домаќините ги даруваат со подароци.

– Коледарчиња го исполнуваат воздухот со радост и веселост. Звукот на црковните ѕвона одекнува насекаде и море од молитви се упатуваат кон небото. Дечиња со шарени коледарски стапчиња посетуваат верски храм, се запознаваат со традицијата на одбележувањето на овој голем христијански празник, бидејќи традицијата се вкоренува уште од мали нозе, весело раскажуваат тиквешани.

Во црквите се одржуваат пригодни богослужби и се делат бадникарски гранчиња. Оттаму, дечињата со бадникови поворки и пеење на песната „Вечниот Бог“ го најавуваат Христовото раѓање.

– Добиваат и подароци. Бадник е голем христијански празник. Задоволство е да се види како од млади години се почитува верата. Целото ова одбележување на празникот има некоја посебна магија во себе, истакнуваат нашите соговорници.

Во духот на христијанството, празникот во Тиквешијата има и хуманитарна димензија. Во Кавадарци и Неготино на градските плоштади се дели бесплатен бадников оброк.


Кон традицијата со бадникови поворки, вообичаени за Кавадарци, Неготино и Демир Капија, годинава за првпат се приклучува и Росоман. Градоначалникот Ѓорѓи Крстевски појасни за МИА дека настанот го организираат со културно – уметничкото друштво.

-Среќен сум што го збогатуваме празнувањето – бадниковите поворки ќе станат традиција како и во другите места, бидејќи верата и фолклорот се тоа што го одржува еден народ. А, има ли поубаво нешто од песните што го слават Бога и од фолклорот што е наш културен амбасадор во светот, нагласи Крстевски.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 5