Општини
Бадник во Кумановско – верба и посветеност на негување на традицијата
Најзначајни во циклусот на зимските празници се Бадник и Божик. Верските празници во кумановскиот крај и понатаму се поврзуват со верувања за плодност и бериќет во домот, што се манифестира преку бадниковите гранчиња, коледарските песни, посната трпеза, лепчето со паричка и палењето на бадниковите огнови.
-Фолклорот во Куманово и кумановскиот регион се препознава како живо културно наследство во кое се сочувани народните верувања, обредни практики и празнични ритуали, карактеристични за овој крај. Тој претставува истовремено и сведоштво за истрајноста на традицијата, но и за нејзината постепена трансформација, прилагодена на современите духовни и културни околности на живеење, изјави магистер Анита Стојчевски, советник кустос во Националната установа Музеј.
Централно место во народната традиција заземаат токму овие празници, исполнети со верба во Господ, насочени кон обезбедување семејна благосостојба, напредок, плодна година и здравје на луѓето. Обредните практики се во тесна врска со култот кон природата и со почитта кон предците, која особено доаѓа до израз токму во овој празничен период. Иако, дел од старите обичаи со текот на времето згаснуваат, значаен број и денес се практикуваат, особено меѓу повозрасното население, но и во семејства кои посветено го негуваат традиционалниот начин на празнување.
-Дел од обичаите исчезнуваат, но дел се прифаќаат и се практикуваат и денес. Во циклусот на зимските празници, Бадник и Божик заземаат значајно место и се пропратени со верувања за посреќна година, здравје во домот и добар посев. Најмногу обреди има токму за Бадниковата вечер, вели Стојчевски.
Како што објаснува, бадниковото гранче се користи за украсување на домовите и празничната трпеза, а неговото палење по вечерата има симболично значење. Трпезата, според старите верувања, не се раскрева, бидејќи на ронките од лепчето им се припишува посебна вредност. Лепчето го крши домаќинот и го дели на делови, посветувајќи го на Господ, на домот и на членовите на семејството, почнувајќи од најстариот до најмладиот. Паричката во лепчето се смета за знак на среќа и напредок во годината што следува, а во селските средини дел од обредот е наменет и за добитокот. Бадниковата трпеза е посна, но богата со симболика – лепче со паричка, зелник со праз, грав и риба.
-Во домовите се внесувала и слама, поврзана со Христовото раѓање, на која ѝ се припишува и заштитна моќ, посочува Стојчевски. За Божик, по огласувањето на црковните ѕвона, верниците одат на литургија и се поздравуваат со традиционалниот поздрав „Христос се роди! – Навистина се роди!“.
Празничната трпеза тогаш станува богата и мрсна, со што симболично завршува периодот на постите. И денес, во дел од кумановските населби, може да се сретнат коледари – деца кои одат од куќа на куќа и пеат коледарски песни. Тие се даруваат со овошје, ореви, костени и пари, а обредите, како што истакнува Стојчевски, се изведуваат со желба за среќа, здравје и богат посев во секој дом.
јануари 6, 2026


