Connect with us

Општини

Кавадарци одбележува 83 години од убиството на народниот херој Страшо Пинџур

Кавадарци денеска одбележува 83 години од убиството на народниот херој Страшо Пинџур. Од Музеј галеријата потсетуваат дека потекнувал од видно револуционерно семејство од Ваташа. За неговата активност во организирањето на македонскиот народ во борба против фашистичкиот окупатор, Страшо Пинџур бил меѓу првите прогласени народни херои во Македонија, на 29 јули 1945 година. 

– Во Крагуевачката гимназија се изградувал како напреден младинец и револуционер. Во 1933 година започнал да го пишува својот дневник. Покрај другото, во овој дневник запишал: „Јас ќе умрам млад, а мојот гроб нема да се знае”. Во 1935 година  се запишал на Правниот факултет во Белград. Многу брзо влегол во редовите на напредното младинско и револуционерно движење. Се вклучил во Друштвото на напредните македонски студенти „Вардар”, а во текот на 1936 година бил избран за негов секретар. Станал и член на Акциониот студентски одбор, информираат од Музејот. 

Тој бил еден од основачите на македонското народно движење МАНАПО.

– Поради неговата голема активност и агитација меѓу студентите и работничката младина, во мај 1938 година бил уапсен од белградската полиција и осуден на шест месеци затвор во Ада Циганлија. За време на летниот распуст во 1939 година, Страшо Пинџур заедно со Ристо Михов и Ѓошо Бојаџиев ја формирале партиската ќелија на КП за Кавадарци, ја обновиле партиската организација која по 1920 година се наоѓала во длабока илегала, соопштуваат од Музеј галеријата. 

По завршувањето на Правниот факултет во декември 1940 година, неговата активност како револуционер уште повеќе се зголемила.

– На 26 март 1941 година тој бил во Скопје и заедно со Кузман Јосифовски-Питу и Мирче Ацев учествувал во демонстрациите против приклучувањето на Југославија кон Тројниот пакт. По окупацијата на Македонија, се наоѓал во Скопје каде бил назначен за инструктор на ПК на КПЈ за Македонија, а од септември 1941 година бил член на Покраинскиот воен штаб. Тој бил задолжен да ја зајакне партиската структура, да формира нови месни комитети и воени штабови. Од јуни 1942 година бил член на Главниот штаб на Македонија, потсетуваат од Музејот. 

Есента 1942 година бил разбиен велешкиот партизански одред „Димитар Влахов”.  Страшо Пинџур и Мирче Ацев дошле во Велес да ја консолидираат работата на партиската организација.

– На 18 декември биле провалени од бугарската полиција во куќата на Јован Митрев и биле уапсени и спроведени во Областната полициска управа во Скопје. На 4 јануари 1943 година во Скопскиот областен затвор, како последица од силните измачувања од страна на бугарската полиција, Страшо Пинџур починал. Било наредено уште истата вечер телото да биде однесено и закопано некаде на тајно место, информираат од Музеј галеријата. 

Загинал на неполни 28 години. 

– Така завршил животот на еден од најголемите револуционери и политички раководители на Македонија од времето на Втората светска војна. До денес не се знае каде е неговиот гроб. Кога на 24 септември 1943 година на планината Кајмакчалан бил формиран Вториот баталјон во Македонија, името го добил по големиот револуционер и борец Страшо Пинџур, подвлекуваат од Музејот. 

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 1